„Бомбите“ за „Монструм“ ќе пукаат по судската ферија


На 22 август, по судската ферија, е закажано следното рочиште за случајот „Монструм“, за свирепото убиство на четирите момчиња и рибарот што се случи пред седум години кај Смилковското Езеро. Тогаш јавноста ќе види што има ново Специјалното јавно обвинителство за овој случај.

На вчерашното рочиште со читање на исказите на старите сведоци заврши изведувањето на старите докази и од 22 август конечно почнуваат да се изведуваат новите докази. Први од новите докази што ќе ги му предаде Специјалното јавно обвинителство на судот се „бомбите“ за кои премиерот Зоран Заев тврдеше дека ќе го расветлат случајот.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека на судечкиот совет, на чело со судијата Огнен Ставрев, ќе им ги предаде сите прислушувани разговори, транскрипти и пораки што им ги имаат дадено од СДСМ. Со оглед на тоа дека има илјадници материјални докази, Фетаи го предупреди судечкиот совет дека ќе им треба време да направат увид. „Ако ги слушате и читате по цел ден за време на судската ферија, ќе стигнете до 22 август да направите увид“, им рече Фетаи на судиите.

Со претпоставка дека судиите за време на овој период ќе направат увид на „бомбите“, потоа дека тие ќе им бидат дадени на увид на одбраната и оштетените, што точно се зборува за убиството ќе може конечно да слушне и цела јавност, по 22 август. Сепак, кога точно јавноста ќе ги слушне „бомбите“, ќе одлучи судечкиот совет. Освен „бомбите“, СЈО ќе предложи и други материјални докази и сведоци.

И родителите и роднините на убиените и обвинетите ги чекаат „бомбите“ и се надеваат дека тие ќе го расветлат случајот.

„Нас како одбрана нè радува што Специјалното јавно обвинителство ги најави најпосле ‘бомбите’ и тие ќе бидат дел од доказната постапка. Ние како одбрана се надеваме дека тие бомби ќе ни помогнат да го докажеме тоа што и досега го изјавуваме, дека овие обвинети не се сторителите“, изјави адвокатот на дел од обвинетите Насер Рауфи.

Правниот застапник на дел од оштетените, Дафинка Ивановска, апелираше по судската ферија рочиштата да се закажуваат почесто и да се има предвид болката на родителите. Како последен од старите сведоци се појави Драган Ивановски. Иако полицијата не го најде Ивановски на адресата, тој доброволно се појави во судот откако слушнал дека го бараат. Полицијата го барала на старата адреса иако повеќе од една и пол година ја имал сменето личната карта, а куќата каде што живеел била продадена.

„Мене никој не ме побарал, јас сам дојдов“, рече Ивановски. Кога судот го праша Ивановски како дошол да сведочи ако никој не го побарал дома, Ивановски му одговори на судот: „Па дојдов со автомобил“, а потоа појасни дека брат му му кажал дека го бараат во суд да се појави како сведок. Ивановски беше повикан како сведок на одбраната бидејќи се запознал со еден од обвинетите Фејзи Азири, на јавен настан за доделување решенија за легализација. Бидејќи тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески доцнел два-три часа на настанот, Ивановски имал можност да поразговара со Фејзи Азири. Сведокот не кажа ништо друго битно поврзано со убиството. Според Ивановска, тоа што сведокот дошол сам, а полицијата не го нашла, го покажува нефункционирањето на правниот систем.

Нов момент во случајот што го соопшти судот е тоа што во депо во полицијата биле најдени вкупно 31 телефон кои биле запленети при големите апсења што се случија по убиството, на 1 мај 2012 година. Овие телефони се предадени во Министерството за внатрешни работи за да се вештачат со новиот пософистициран софтвер што го поседува сега оваа институција.

Обвинителката Фетаи веќе најави дека ќе предложат илјадници снимки и докази, и оние што се битни, и оние што не се битни. Она што таа го гарантира е дека ќе има соодветна правна квалификација за секое лице што е инволвирано во тој настан.

За петкратното убиство во овој случај, кој беше наречен „Монструм“, доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина. Врховниот суд ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Судењето кое еднаш заврши со доживотни казни за обвинетите се отвори одново пред нови судии и со обвинители од СЈО. На 12 април 2012 година на Смилковското Езеро свирепо беа убиени четворицата матуранти – Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и рибарот Борче Стевковски. Мотивот за убиството уште не е разјаснет.

Фросина Факова – Серафиновиќ