„Бомбите“ се компримитирани, а никој не одговара


Јавноста официјално се уште не знае кој и зошто ги објавуваше нелегалните „бомби“ кои освен во Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано токму да ги истражува прислушуваните разговори, стигнаа и на црниот пазар. Постапки за објавувањето на овие разговори се водат и во Јавното обвинителство, но и во Специјалното јавно обвинителство, ама резултати се уште нема.

Овие „бомби“, што најчесто се пуштаат на социјалните мрежи како алатка за спроведување на некоја политичка битка, стануваат пак актулени со скандалозното сведочење на поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски кој на судското рочиште за масовното прислушување рече дека, по неговото апсење, изгубил контрола на „бомбите“ кои свиркачите ги предавале. „Факт е дека таа документација доживеа стравотни модификации и компромитирања. Зборувам по моето лишување од слобода“, рече Верушевски.

Во судско обвинителските кругови се толкува дека модифицираните и компромитирани „бомби“ што ги споменува Верушевски се всушност разговорите што беа нелегално пуштани во јавност. Со ова сведочење Верушевски, како човек во СДСМ кој ги анализирал „бомбите“, сака да ја тргне одговорноста од себеси за нивното појавување, сега кога се уште не се знае кој ги дистрибуирал.

Во моментот кога поранешниот разузнавач се појави во судот и цело внимание го сврте кон себе, скопскиот бизнисмен, Љупчо Палевски – Палчо за кого во СЈО се водеше предистражна постапка за нелегално пуштање на „бомбите“, се наоѓаше во притвор во Белград. Тој беше приведен на 13 септември по потерница од Хрватска и се уште е во екстрадиционен притвор во српската престолнина. Името на скопскиот бизнисмен беше поврзувано со нелегалните „бомби“ откако беше приведен во полиција, а потоа и повикан и во СЈО под сомнение дека на „јутјуб“ објавувал прислушувани приватни разговори на функционери, новинари и бизнисмени. При претрес на неговиот дом и при претрес во домовите на други лица беа најдени илјадници аудио снимки.

Во еден од шестмесечните извештаји на ова обвинителство, стоеше дека освен „бомбите“ кои им ги предаде СДСМ, анализирале и повеќе од 100.000 аудио снимки кои биле најдени при претресите, при што се утврдувало колкав број од овие аудио фајлови биле резултат на незаконско следење на комуникациите.Сепак овие претреси и анализи, во сега веќе згаснатото СЈО, останале во предистражна постапка и таму никогаш не се отворила истрага за воајерските „бомби“. Сега и овој, како и другите предмети што се водеа во СЈО, е попишан и чека републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески да го распредели кај јавен обвинител кој ќе одлучи дали ќе отвори истрага. Обвинителот изготвил записник за овој предмет заедно со комисија од републичко јавно обвинителство, но физички сите предмети се наоѓаат на „Рузвелтова“ во зградата на СЈО. За нелегалните „бомби“ кои во континуитет се објавуваа, постапка има отворено и скопското јавно обвинителство, но според нашите извори, засега нема ништо конкретно за овој случај. Постапката ја комплицира и тоа што новите „бомби“ беа објавувани на руски канал, а  соработката со Русија оди потешко.

Во последната изјава за медиумите Палевски тврди дека нема прислушувани разговори кај себе иако доби  кривична пријава за време на предизборната кампања за пуштање на „бомби“ на трибина во Прилеп. Од Специјалното јавно обвинителство тогаш тврдеа дека материјалите сигурно не се излезени од кај нив, но институциите не истражија како разговорите дошле на социјалните мрежи.А, ако ова се „бомби“ кои потекнуваат од нелегалното прислушување во периодот од 2008 до 2015 година, тогаш нивното објавување е забрането и според Законот за заштита на приватноста, донесен во 2015 година.Со овој закон се забрани поседување, обработка и објавување на сите нелегално снимени разговори, вклучувајќи и нивно користење во изборен процес. За оние разговори кои се приватни, предвидена е и затворска казна до една година.

Премиерот Зоран Заев има потврдено дека овие разговори се дел од пакетот што од СДСМ како политичка партија го предале на СЈО, но негова теорија е дека тоа е само потврда дека тие не ги добиле сите прислушувани разговори. Со задоцнување од неколку дена тој го искоментира и настапот  на својот советник за национална безбедност во судот, порачувајќи дека јавноста треба да остави Верушевски да објасни на следното рочиште што сакал да каже.

„Тој во својата разочараност од ова што се случи во Специјалното обвинителство конвергира на ваквите зборови и употреба. Секако, автентичноста на разговорите никој од обвинетите лица ја нема оспорено  во судот. Форензиката исто така ги потврди разговорите. Прво, да нема дилема за никој во функција на тоа. И, втората дилема,што се јавува овде, е како тоа господата Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски дале информација дека материјалите се предадени на Верушевски, а Верушевски вели на Социјалдемократскиот сојуз. Вистината е иста. Тие се предадени на Социјалдемократскиот сојуз, но задолжено лице во СДСМ е шефот на Комисијата за безбедносни политики на СДСМ, Зоран Верушевски. Така што, тој го гледа повеќе формалниот аспект. Да оставиме на 10 октомври, кога е продолжението на испрашувањето на господинот Верушевски во својство на сведок, да биде сè јасно за граѓаните и за државата“, рече Заев во интервју за Гласот на Америка.

Во меѓувреме адвокатите го искористија сведочењето на екс разузнавачот и неговата изјава дека „бомбите се стравотно модифицирани и компромитирани“ ќе ја користат како аргумент овие разговори да бидат изземени од доказите.

Верушевски е сведок на СЈО во случајот „Таргет-тврдина“ за масовното прислушување во кој е обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. На наредното рочиште тој ќе има можност да го испрашува Верушевски. (Ф.Ф.С.)