„Бомби“ пукаат пред изборите: Дехари фатен во аудио секс скандал

На квази профил Ел Чека на Фејсбук се објавени аудио снимки со кои се сугерира дека актуелниот градоначалник на Кичево од ДУИ, Фатмир Дехари, е во врска со вработена во општината, веројатно, од неговиот кабинет. Од Фејсбук-профилот на Ел Чека се сугерира дека станува збор за гласот на Дехари кој ја повикува вработената да дојде до него, да му седне во скутот, а се слуша нешто како бакнеж. Според профилот, експлицитни се сексуалните алузии во разговорот меѓу Дехари и неговата вработена.
Според текстот во видеото, еве што вели Декари: „Дојди мори жено на бившиот директор. Влези еднаш со овој стил. Кога ќе ми се вратиш на работа? Во вторник следната недела?Мрдни ајде не се криви сега. Направи некое движење. Свиња таа“.
Описот на ова видео вели дека во работно време, во општинската зграда, во канцеларијата на градоначалникот на Кичево, се случуваат овие скандали.
„Епа кичевскиот Дон Жуан, благодарение на своето богатство и власт, успеал да прави вакви недолични постапки во општинската зграда“, пишува таму.
Снимките покренаа реакции во јавноста а со морализирања се јави и владеечката ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата порачаа дека Дехари е срам за сите жени во Македонија.
„Во медиумите излегоа аудио снимки од кои се слуша како Фатмир Дехари наместо да биде градоначалник и да ја користи општина Кичево за добробит на граѓаните, тој сексуално ги малтретира и се изживува врз вработените. Овие снимки се скандалозни, а односот на Дехари на нив понижувачки за секоја жена.
Ова не е само навреда кон жените во општина Кичево, туку и кон сите жени во Македонија – без разлика дали се Албанки, Македонки, Турчинки, Влаинки или од која било друга заедница.Ова е срам за целиот наш мултиетнички мозаик, за секое семејство што воспитува ќерки со почит, труд и достоинство.Ваквото однесување не е дел ниту од една култура, ниту од верата, ниту од традицијата. Тоа е срам и мора да биде осудено од сите: и Албанци и Македонци и секој чесен граѓанин на Кичево, односно на Македонија.
Од аудио снимките се слуша како жените вработени во општина Кичево се принудувани да го бакнуваат градоначалникот Дехари и со големо гадење да кажат дека му седнуваат в скут. Ова е скандал, и изживување врз цел еден колектив и сите жени. Зарем до тој степен е падната ДУИ, да за вакви луѓе води кампања за повторен мандат? Дали традицијата и почитта кон жената за ДУИ се небитни? Која е пораката до сите жени и до семејствата?
Дехари малку од повеќе се има заиграно со политиката и со градоначалничката позиција, но тоа не значи дека ова треба да се премолчи и да се толерира. Кичево и кичевчани не заслужуваат ваков третман на Албанките или генерално – ниту една жена не смее вака да биде третирана на работното место. Дехари мора да си поднесе неотповиклива оставка и да се повлече од политиката“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, ова не смее да помине без широка општествена осуда.
„Ова не е 18 и 19 век, жените не се робинки или сопственост нечија, тие се нечии мајки, ќерки, жени, деца. Ниту тие, ниту нивните семејства го заслужуваат ова.Ги повикуваме сите партии да реагираат, сите институции, здруженија за заштита на жените, но пред сè ЈО за организиран криминал, најблискиот другар на Ахмети да даде став“, реагираат од владеечката партија.