Бомбата на Гренел ги заглуши пријателите на Курти во Македонија
Од исходот на изборите во Косово ќе зависи и позицијата на конгломератот „Вреди“ во македонската влада. Тие цврсто ги стискаат палците за Курти
Детонацииите од бомбата што ја фрли Ричард Гренел, пратеникот на Доналд Трамп за специјални мисии, во атарот на Косово пред изборите в недела на 9 февруари, се слушаат и во Македонија. Тие се екстремно непријатни за владејачкиот албански конгломерат од „Вреди“, кој е еден вид продолжена рака на Самоопределување на премиерот Албин Курти во нашата држава. Не се пријатни ни за премиерот Христијан Мицкоски, кој во владата ги има за партнери политичарите кои се најдобри пријатели на човекот кој го презира новиот политички Вашингтон. Таа „интервенција“ на Гренел претставува директно мешање во изборите во Косово и може да се претпостави дека тоа нема да биде осамен случај, туку дека ќе следат слични работи и на други места во Европа кога ќе се гласа. Како што тоа го направи Илон Маск пред изборите во Германија, барајќи да се гласа за екстремно десничарската Алтернатива за Германија.
Неодамна, првиот вицепремиер Изет Меџити во интервју за Канал 5 изјави дека „и да влијае Курти во Македонија тоа е позитивно. Добар дел од граѓаните во Скопје се со потекло од Косово. Имаат двојно државјанство. И нашите граѓани влијаат таму. И на тоа треба да гледаме позитивно“. Меџити уште додаде дека важно е што Македонија по изборот на новата влада прв ја посети Курти, а уште поважно што првата меѓувладина седница беше во Приштина.
Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами и Африм Гаши одеа неколку пати во Приштина за политичка поддршка од премиерот Курти, а таму се креираше еден вид „Приштинска платформа“ со која беше чистен патот за влезот на нивните четири партии во идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Сите четворицата од конглемератот „Вреди“ се десничарски настроени, а некои дури и религиски силно посветени, но го најдоа своето сојузништво со левичарот Албин Курти од Самоопределување, кој коруптивно неизвалкан пред четири години ја освои власта во Косово. Откако не му успеа на последните избори во Албанија, Курти преку албанската популација во македонија се обидуваше да се инсталира како регионален лидер на својот народ.
Само неколку дена по глорификацијата на Курти од страна Изет Меџити дојде „проклетството“ од Вашингтон (каде тој и Гаши и Таравари отидоа да бидат забележани на инаугурацијата на Трамп). Тоа проклетство искажано против Албин Курти од страна на Ричард Гренел (кој многу пати покажуваше дека е голем пријател на Александар Вучиќ), веројатно им ја крена косата на главата на четворицата од конгломератот.
Еве што напиша Гренел на Икс за да биде појасна силината на детонацијата во Македонија:
„Имам многу пријатели во Косово и Албанија… и многу пријатели во Србија и во целиот регион. Администрацијата на Трамп работеше и ќе продолжи да работи на мир за сите на Балканот. Но, ни требаат доверливи партнери.
Владата на Курти не беше доверлива за време на првиот мандат на Трамп, ниту за време на администрацијата на Бајден. И републиканците и демократите постојано го критикуваа Курти за преземање унилатерални активности кои го дестабилизираат регионот. Истото важи и за ЕУ и НАТО.
Меѓународната заедница е обединета против Курти. Американските компании се прошируваат во Албанија и Србија, но не и во Косово поради Курти. Неговата сегашна реторика, тврдејќи дека е поблиску до САД и подобра од сите претходни косовски влади, е апсолутно лажна. Не залажувајте се“.
Во истото интервју за Канал 5 Меџити не само што изрече грст пофалби за Албин Курти, туку Србија ја нарече „полудемократски режим“ и поради тоа Косово имал проблеми со својот сосед.
А претходно премиерот Мицкоски со огромна свита беше во Белград на винскиот саем на Отворен Балкан, а вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во договор со Србија ќе гради брза пруга. Меџити како прв вицепремиер мисли поинаку:
„Србија е полудемократски режим. Посакувам и Србија да се демократизира и тоа ќе биде во прилог на регионот“.
Клучот за Албин Курти, но и за неговите политички пријатели од Македонија е дали премиерот на изборите на 9 февруари ќе освои апсолутно мнозинство или не. Доколку не му успее тоа шансите да прави владина коалиција со други партнери драматично се намалува, иако анкетите покажуваат дека тој има убедливо најсилна поддршка меѓу Косовците. На последните избори Самоопределување освои 54 од 100-те пратенички места. По оваа „интервенција“ на Ричард Гренел (што значи и на новата администрација во Вашингтон) шансите да освои 51 пратеник сериозно се намалени.
Претседателката Вјоса Османи (на која спикерот Гаши ѝ го испрати своето обезбедување на скопскиот аеродром да ја „спасува“ во скандалот со скенерот) отпатува набрзина во Вашингтон да може да стивне нешто од бомбата на Гренел. Според најавите, таа ќе успее да се сретне само со високиот претставник на бирото на европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, Луис Боно. И веројатно толку. Освен Марко Рубио во Стејт департментот не се избрани преку Сенатот другите функционери и реално Османи и нема со кого повисок да разговара во одделот. А од друга страна, односот спрема владата на Курти во Вашингтон е прилично негативен.
Се разбира, сето ова многу внимателно го следат четворицата од конгломератот „Вреди“. Секако, тие се надеваат дека Албин Курти најпосле ќе успее да помине низ целта со 51 пратеник. Ако не, и нивната специфична тежина во македонската влада ќе се намалува.
Освен Курти, другите кандидати за премиер се Бедри Хамза од Демократската партија на Косово, Лумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово и Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднината на Косово. Сите тие партии имаат повеќе од коректни односи со ДУИ, некои од нив може да се каже и многу добри. Според извештаите на косовските новинари, партијата на Курти ја ескалирала изборната реторика, користела книжевни алегории да ги исмева политичките противници. А во исто време, опозицијата изгледа поконсолидирана и на митинзите имала силна поддршка. Ќе видиме, изборите се за неколку дена.
Но, од исходот на изборите во Косово ќе зависи и позицијата на конгломератот „Вреди“ во македонската влада. Евентуалниот неуспех на Албин Курти ќе ја намали и неговата специфична политичка тежина.