Болсонаро: Добро утро, негативен сум


Претседателот на Бразил Жаир Болсонаро изјави дека повторно се тестирал на корона вирус и дека тестот покажал негативен резултат, пренесе АП.
Овој тест е четврти по ред кој Болсонаро го направи од 7 јули кога соопшти дека е заразен.
Оваа вест претседателот на Бразил ја објави на пост на Фејсбук, при што не е наведено кога е направен тестот. Болсонаро претходниот тест го правеше во средата, кога резултатот по трет пат беше позитивен.
Болсонаро објави фотографија со кутија „хидроксихлорокин“, лек против маларија за кој не е докажано дека помага во лекувањето Ковид-19.
Сега, кога е излечен од корона вирусот, бразилскиот претседател најверојатно ќе се врати во метежот, како што правеше пред дијагнозата.
Тој од почетокот на пандемијата доста време помина во близина на други луѓе, понекогаш без заштитна маска, како и на фотографијата од четвртокот.
Бразил, земја со најмногу  жители во Јужна Америка, претставува еден од епицентрите на епидемијата.
Според податоците објавени во петокот, во Бразил од почетокот на епидемијата заразени се 2.343.366 лица, а од Ковид-19 починаа 85.238 пациенти, иако се претпоставува дека бројките се многу поголеми.