Болницата во Отешево слави 40 години, помагаат и пријателите од Холандија


Специјализираната болница во Отешево беше основана во 1980 година од д-р Арсе Гошаревски

Климатското поднебје на западниот брег на Преспанското Езеро е идеално за лечење на респираторни и хронични болести. Илјадници пациенти им се благодарни на Специјализираната болница и обучениот лекарски тим за нивното подобрено здравје

 

Анета Блажевска

РЕСЕН – Изминаа 40 години откако д-р Арсе Гошаревски од Ресен го основа Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања во Отешево, крај Преспанското Езеро.

Болницата која сега се именува како Ј.З.У „Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација  на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања Отешево“ деновиве прослави значаен јубилеј кој сам по себе ја покажа и докажа оправданоста за нејзиното опстојување и афирмација.

Климатските фактори се основен предуслов за постоењето на оваа институција, а се разбира и капацитетите, опремата и стручниот персонал.

Преспа претставува живописна котлина, од трите страни високи планински масиви со борова и дабова шума, огромна водена површина и надморска височина од околу 850 метри.

Болницата сместена на западниот брег на Преспанското Езеро е со идеален гео-климатски фактор на ова поднебје и присуство на радон во мали количини што има благопријатен ефект врз здравјето на болните со хроничен опструктивен бронхит, белодробен емфизем, бронхијална астма, фибрози како и постоперативни состојби на бели дробови со намалена белодробна функција.

Сите овие предуслови придонесоа д-р Арсе Гошаревски  да ја основа болницата во 1980 година, а на чело на установата остана се до 1999-та година. Во 1996 година иако  беше избран за градоначалник на Ресен, продолжи да раководи со болницата се до неговото пензионирање.

„Го славиме неговото име и дело. Тој беше човек со визија за иднината, храбар, чесен и вреден кој е заслужен за основањето и афирмацијата на оваа болница. Почина во 2007 година, но неговото дело продолжува, ни остави аманет ама и обврска за подобро утре. Ние во Специјализираната болница сме горди на постигнатите резултати, на ентузијазмот на вработените. Илјадниците пациенти кои поминале низ овие врати здрави и среќни си заминале во нивните домови со значително подобрена состојба“, вели Билјана Гошаревска, портпарол на болницата, инаку снаа на д-р Арсе Гошаревски.

Дел од лекарскиот им на болницата

Болница поседува три павилјони со капацитет од 72 болнички кревети. Оддел за интерна медицина и  Оддел за физикална медицина.

Работат по двајца доктори по физикална медицина и рехабилитација, пулмо-алерголози, доктори по интерна медицина, како и по еден доктор на специјализација по интерна медицина и доктор на медицина. Денес во установата работат 37 лица редовно вработени и 7 со договор на дело.

Во просек на годишно ниво во болницата се лекуваат околу 1.000 болнички пациенти, 1.300 амбулантски пациенти и стотина пациенти во Дневна болница.

„Престој во чиста средина богата со кислород дава можност на ревитализација на заболеното ткиво. Вежбите за дишење, начинот на дишење, долгите утрински прошетки, инхалации, дренажи даваат резултати во превенцијата, лекувањето и рехабилитацијата на пациентите“, вели д-р Александра Пили, директор на болницата.

Според Светската здравствена организација, секој четврти човек страда од последиците на акутното или хроничното заболување на респираторниот систем, а за успехот на болницата поврзано со респираторните заболувања зборуваат пациентите и нивните семејства, велат лекарите.

„Денес по 40 години постоење горди сме затоа што знаеме дека оние за кои постои институцијата веруваат во нас, во институцијата која им овозможила враќање во нормалниот живот, во средината на работното место со надминати или смалени респираторни проблеми. Го знаеме бројот на третирани пациенти и карактерот на нивните промени. Но нашиот успех во нивната рехабилитација освен врз основа на медицинската документација може да се почувствува и од честите поздрави и благодарност на голем број наши пациенти. Таа благодарност е наш успех и наш мотив за иднина“, изјави вели д-р Кире Доновски, специјалист по интерна медицина.

Болницата во Отешево речиси три децении наназад  е помогната од пријатели од Холандија. Фондацијата која несебично донира за болницата е насловена „Воздух за Преспа“.

„Благодарност до фондацијата и нашите долгогодишни пријатели Кес и Јохана Барс од Холандија кои секоја година донираат лекови, апарати и други потребни материјали и средства потребни за нашата институција. Оваа година по 27 пат обезбедија донација во вредност од десет илјади евра за потребите на болницата. Поради актуелната пандемија оваа година не можеа да бидат со нас на оваа наша јубилејна прослава, но ни испратија  честитки од нивниот град Бедум каде и тие во својот дом го славеа јубилејот“, вели Гошаревска.

Холандскиот брачен пар Кес и Јохана Барс веќе 27 години со донации ја помагаат болницата

Она на што болницата во Отешево работи за следниот период е проектот за адаптација на објектите за што очекува поддршка од Министерството за здравство. Гошаревска раскажува една анегдота од проф. д-р Плавшик, директор на Центарот за таласотерапија во Опатија, Хрватска, кој за Специјализираната болница во Отешево и нејзиното опкружување воодушевен рекол: „Кога би имал само дел од ова поднебје би направил светски центар“.

„Па зошто и ние не би направиле нешто што наликува на тие светски развиени центри низ Европа и светот. Реализацијата на проектот за адаптација на објектите би ги решил сите наши долгогодишни проблеми, па заеднички би можеле да го промовираме надвор од македонските граници“, порачува Гошаревска.