Болницата во Битола се полни со млади луѓе тешко болни од ковид


Тони Коњановски доби 24.708 гласови од битолчани

Денеска починаа четворица битолчани. Во исто време баровите и кафеаните во Битола се полни и преку ден и до почетокот на полицискиот час

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Ковид центарот во Битола се полни со млади заболени од вирусот кои имаат потешка клиничка слика. Од утрово по сите Фејсбук групи на битолчани се бараше плазма за млада пациентка и за среќа брзо се најде. Млади битолчани заради тешка клиничка слика се префрлаат во болните во Скопје.

Како расте бројот на заболени расте и бројот на хоспитализирани во битолската болница, а старосната граница на пациентите со потешка слика веќе е спуштена, вели д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничката болница Битола.

„Од пред некое време имаме хоспитализирани на 28, 30 и 32 години, што во претходните напливи на беше случај. За жал, овој пат пациентите се со потешка клиничка слика и бараат сериозни интервенции. Поголемиот дел од нив се на перманентна кислородна поддршка, а другите на повремена кислородна поддршка“, изјави директорката Гагачовска.

Пациентите се сместуваат на двете одделенија подготвени за ковид болни, на Инфективното и на одделението за Физикална медицина, каде до утрово се згрижени 80 пациенти од кои дури 70 се со постојана кислородна поддршка, зашто клиничката слика им е тешка, велат од болницата. 

И денеска битката со вирусот ја загубија четворица битолчани од кои двајца на возраст од 66 години, по еден на возраст од 75 и 83 години.

Од понеделникот до сега, починаа 12 битолчани.

Драстично порасна и бројот на новозаболени, за само 4 дена се потврдени нови 166 случаи, што значи во моментов активно болни се 549 битолчани. Вирусот се шири најчесто по семејни кластери, а брзо се проширува и по работни организации, па многу јавни претпријатија бројат ковид заболени, а вирусот со силен интензитет се шири во училиштата, особено кај наставниот кадар. Само во едно од средните училишта оваа недела во период од неколку дена се потврдени 12 новозаболени професори кои држат онлајн настава. Само минатата недела беа потврдени близу 50 заболени наставници во училиштата.

Наспроти ваквата слика, кафетериите и кафеаните во Битола се полни и преку ден и до почетокот на полицискиот час. Најчесто посетители се помлади лица. Не ретко во кафеаните не се држи дистанца и не се почитуваат пропишани мерки, па на една маса може да се видат и по повеќе од четири лица.

Повозрасните битолчани се заплашени дека сликата од ноемвриската  криза со вирусот не само што се повторува туку ударот е уште посилен.