Болна и бавна вистината за Смилковското езеро – седум години нема осудени
Родителите на четворицата матуранти и роднините на рибарот денеска ќе ги посетат гробовите на своите најмили, а во 19 часот попладне ќе отидат кај Смилковско Езеро, на местото каде што пред седум години на Велики четврток се случи грозоморниот масакр. Седум години ја преживуваат болката низ судниците, а осудени сторители за грозоморниот масакр нема. Надежта дека ќе дојдат до вистината и правдата не ја губат, но не ги губат и сомнежите дека се манипулира со овој случај.
Пред една година случајот „Монструм“ го презеде Специјалното јавно обвинителство, но во судница сè уште се изведуваат стари докази и се повикуваат истите сведоци од претходното судење бидејќи постапката се води според стариот Закон за кривична постапка. Се сомневаат дека воопшто ќе ги слушнат „бомбите“ за овој случај во судница со оглед на правното мислење на Врховниот суд и новиот Закон за јавно обвинителство кој предвидува „бомбите“ да не се користат како докази во случаите што ги презеде СЈО по 30 јуни 2017 година.
„Ние очекувавме многу од тие ‘бомби’, ама еве носат закони како што ќе им текне. Ако нешто не е во ред, веднаш менуваат закон“, вели Раде Славковски, татко на Филип Славковски за „Независен весник“. Последна средба со премиерот Зоран Заев, кој им ветуваше дека со „бомбите“ ќе се реши овој случај и ќе се откријат нарачателите и извршителите, имале пред да дојдат на власт и оттогаш не се виделе со него. Веруваат во обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, но сепак не ги напуштаат сомневањата дека сепак има некои договарања со нивниот случај.
„Ние секогаш испраќаме апели до судот, особено за екстрадицијата на двајцата првообвинети. Тоа е чудо, ако сме веќе правна држава и имаме независно судство и Министерство за правда, треба да ги екстрадираат, а не само да ни кажуваат постапката е во тек, постапката е во тек“, вели Славковски.
Иако сегашниот премиер најавуваше дека ќе ги објави „бомбите“ за овој случај, јавноста уште ги нема слушнато. Последните неофицијални информации се дека разговорите, односно „бомбите“, сепак ќе бидат презентирани во судницата како индиции, а не како докази на крајот на судскиот процес. Всушност, и овие разговори се единствена причина поради која СЈО го презеде овој случај. Прислушуваните разговори ги бара и одбраната на обвинетите која тврди дека тие се невини.
Судењето под надлежност на Специјалното јавно обвинителство почна во април минатата година, а последните неколку рочишта беа затворени за јавноста бидејќи се презентираа посебни истражни мерки. Следната недела рочиштето ќе биде отворено и на него исказ ќе даваат сведоци предложени од одбраната. Во текот на постапката Горан Наќевски, татко на убиениот Александар Наќевски, не можеше да го сокрие револтот и неколкупати обвини дека се манипулира со трагедијата.
„Вие и обвинителката ни ја ветивте вистината, ама има еден центар што го контролира судот. Минатите судии ги правеа истите тактики, го одложуваа. И судијата е од ДУИ“, рече Горен Наќевски, татко на убиениот Александар. Тој побара судот да ги сослуша мајките на децата за да кажат јавно како премиерот Зоран Заев пред икона ги лажел дека ќе открие кои се тие функционери кои стојат зад ова. Побара од судот да им ги достави и транскриптите од разговорите на петтемина функционери на ДУИ и пораките што ги разменувале со обвинетите. „Ние ги знаеме кои се тие. Сега Заев се прави луд“, коментираше Наќевски.
Во последната изјава за овој случај, премиерот Зоран Заев, откако ги почна преговорите со опозицијата за новиот Закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО, рече дека сега независни државни органи го водат случајот, за разлика од претходно и порача дека „бомбите“ се живи.
„Материјалите се предадени, сите бомби се предадени. Тие се индиции, без разлика дали се доказ или не тие се индиции. Како што со одредена индиција почнува истрага за да се обезбедат докази, така и разговорите што ги има СЈО се индиции и се во државна сопственост“, посочи премиерот.
Првообвинетите во случајот, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, сè уште се шетаат слободни во Косово. Македонското Министерство за правда вторпат испрати барање до косовските власти, но одговор никако да стигне.
За петкратното убиство во овој случај, кој беше наречен „Мострум“, доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина.
Врховниот суд во ноември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.
На 12 април 2012 година јавноста беше згрозена од трагедијата што се случи кај Смилковското Езеро. Четворицата матуранти Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски беа изрешетени со автоматски пушки и пиштол без никаква причина, непосредно пред најголемиот верски празник Велигден.
Фросина Факова – Серафиновиќ