Болката за загинатите во кочанската дискотека е огромна, многу прашања уште чекаат одговор

Сѐ се случи за две минути: Сведоштва за пожарот во Кочани што проголта педесетина млади животи. Бројот на загинатите се искачи на 59, но можеби тоа нема да биде конечно


Дискотеката „Пулс“ каде што се случи пожарот (Фото: Б. Грданоски)

 

Најмалку 59 семејства се завиени во црно откако ги изгубија своите најблиски во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а уште над 150 се во исчекување за судбината на повредените, од кои некои и со тешки изгореници, и кои се сместени во болниците во државата.

Болката за загинатите во кочанската дискотека не стивнува, а многу прашања уште чекаат одговор: како се случи оваа трагедија, кои се причините, како можело во објектот да се одржуваат такви настани, како на концертот во раните утрински часови имало малолетници, дали објектот имал сертификат за употреба на пиротехнички средства, чија идеа била да се употребува пиротехника и колку вкупно лица присуствувале на концертот…

На сите овие прашања и на многу други најблиските на настраданите, но и јавноста во земјава чекаат одговори од надлежните. Тие уверуваат дека истрагата ќе биде целосна и сеопфатна и дека сите информации ќе бидат споделни со јавноста.

А, како се случил пожарот, сведочат присутни на концертот кои успеале да се спасат, но чии другари или другарки ја немале таа можност и се здобиле со изгореници.

„Се случи за две минути“, сведочи една девојка која не сакаше да го открие нејзиниот идентитет. Таа во изјава за Канал 5 рече дека трагедијата се случила многу брзо. „Бев таму кога се случи тоа, кога почна да гори дел од плафонот. За две минути почна да гори, почна со чад“, вели таа, додавајќи дека не им се верувало дека може да се случи такво нешто.

„Не ми беше јасно за што станува збор. Наеднаш почна паника, Излегувајте, почнаа да викаат“, сведочи девојката која пред старата Градска болница во Скопје чекаше информации за нејзини повредени другари и другарки.

Во паниката, како што вели, не се гледало кој каде и кого гази, било важно само што побрзо да се излезе од објектот. Таа била блиску до влезот и успеала да излезе, но други не успеале. Вели дека има лица кои не можат да се најдат ни меѓу повредените, ни меѓу живите, ни меѓу починатите.

„Имаме надеж“, вели таа и додава дека се обиделе колку што можат да помогнат на другите кои излегувале. Исто така таа вели дека набрзо дошле и возила на брза помош и пожарна, но тие не биле доволни да се справат со обемот на трагедијата.

„Одеднаш изби, сѐ беше пламен и искри“, вели таа.

До сега, според информациите што ги сподели во јавноста министерот за внатрешни работи Панче Тошковски има 59 починати лица, од кои 35 се идентификувани, а од идентификуваните 31 лице се од Кочани, а четири од Штип. Најголем дел од нив се многу млади луѓе.

Бројот на повредени се искачи на 155. 

Меѓу починатите има и полициски службеник од ПС Пробиштип, кој работел на нелегална трговија со дроги и на присуство на малолетни лица во угостителски објекти, а кој требало да биде награден за неговата работа. За жал, како што реше министерот, ова признание ќе му биде доделено постхумно.

Сепак, ниту министерот, ниту претходно Јавниот обвинител Љупчо Коцевски не одговорија на многу прашања кои што ги поставуваа новинарите, поврзани со дозволата за работа на објектот, односно лиценцната, за безбедноста, присуството на малолетници и тн.

Тошковски рече дека од страна на МВР се обезбедени болниците каде што се сместени повредените и дека со оние кои што можат, ќе се направат разговори. Со над 10 лица веќе се направени разговори, а меѓу кои со еден од членовите на групата ДНК којашто вечерта настапуваше во дискотеката „Пулс“ и од пиротехниката на бината изгледа дека беше предизвикан пожарот.

Централна потерница има за четири лица, а се чешла и документацијата во Министерството за економија за да се провери дали дискотеката поседувала валидни документи и како тие биле издадени.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски претходно не даде прецизна бројка за бројот на загинатите во пожарот. Според него, во моментот се води истрага за тоа, не потврдувајќи ни бројка колку лица се водат за исчезнати.

Тој сепак вети „брза и целосна истрага во која ќе се утврди одговорност за несреќата“. Коцевски рече дека е формиран тим од пет јавни обвинители, двајца од Скопје, еден од Штип и двајца од Кочани.

„Некои од обвинителите се на терен, а други издаваат наредби за одредени процесни дејствија. Ќе се врши увид и ќе се преземат дејствија околу евентуалните сторители, ќе се видат пропустите. Во моментов, јавните обвинители издаваат наредби во однос на евентуална одговорност за евентуални лица кои се инволвирани“, рече Коцевски. 

Коцевски не можеше да потврди дали се точни информациите дека во моментот на пожарот во објектот имало од 1.500 до 1.700 лица.

„Можам да им гарантирам дека Обвинителството ќе спроведе брза истрага, ќе ангажираме вештаци од сите области, така што ќе ги видиме и причините и одговорноста“, рече Коцевски од Кочани.

Во меѓувреме, изрази со сочувство стигнуваат од повеќе земји, кои исто така понудија помош на нашите здравствени работници. Како што најави министерот за здравство, Арбен Таравари, многу од повредените, особено оние со тешки изгореници, ќе бидат трансферирани во болници во соседството кои се подобро екипирани.  (Н.В.)