Бољшој ја најави новата сезона и покрај короната: Доминго и Нетребко на сцената


Русија– Голем број од оперските куќи во светот, поради пандемијата со корона вирусот се уште не планираат нови изведби, а московскиот Бољшој театар, и покрај се, ја најави 245 сезона со спектакл на 6 септември.

Вердиевиот „Дон Карлос“ ќе ја донесе на оваа сцена една од најголемите ѕвезди на денешницата, сопранот Ана Нетребко, Русинка која е прославена на сите меридијани. Со неа ќе пее и нејзиниот сопруг, тенорот Јусиф Ејвазов.

Веќе во октомври, во Бољшој ќе настапи и најславниот тенор на денешницата Пласидо Доминго и тоа два пати, во операта „Манон Леско“ на Џакомо Пучини која ќе се одржи на 21 во октомври, а три дена потоа и на гала концертот.

Прочуената сезона на балетот во Бољшој театарот ќе започне на 12 септември, кога „Дон Кихот“ ќе биде изведен за здравствените работници, хероите на пандемијата кои ќе бидат во публика.

Балетот ќе одбележи и неколку значајни годишници. Првата половина од сезоната ќе биде посветена на 180 годишнината од Петар Илич Чајковски,  па на репертоарот ќе се најде и „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“, „Заспаната убавица“.

Во ноември ќе биде одбележан 80 годишниот роденден на славниот балетски танчер Владимир Васијеев, чија прослава поради ширење на корона вирусот не се одржа во април, кога всушност тој наполни осум децении. Гала концертот закажан за на 20 ноември ќе биде посветен на примабалерината на сите времиња Маја Плисецкаја (1925 – 2015) година која е родена на тој датум, пред 95 години.

Од балетските премиери кои не се одржале минатата сезона, се планира повторно да бидат поставени како три единечни претстави на три млади кореографи, „Ловци на бисери“ од Жорж Бизе, а меѓу оперите ќе бидат дела на Штраус, Шостакович, Чајковски и Хандел. (novosti.rs)