Болен од ковид избегал од болницата во Битола, го вратиле со полиција, па починал


Поради скандалот во одделението за гинекологија во Битолската болница полиција поднесе кривични пријави за лекарите до oбвинителството

БИТОЛА – Триесет и пет годишен битолчанец заболен од коронавирус избегал од Ковид центарот во Битола каде претходно бил хоспитализиран поради симптоми на вирусот. Полицијата го нашла дома откако семејството повикало помош, го вратиле назад, но по кусо време починал и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот. Несреќниот настан се случил вчеравечер во Ковид центарот во Битола. Драмата која синоќа се одвивала на Инфективно во Битола ја вознемири битолската јавност, особено поради тоа што станува збор за млад човек.

Од Министерството за здравство детално информираат за случајот и наведуваат дека пациентот на 13.11. се јавил во тријажна амбуланта, со симптоми на покачена телесна температура, кашлица, без РТГ наод за промени. На пациентот му била дадена терапија и дадена препорака за изолација и закажување преку матичен лекар.

По три дена на 16.11. повторно се јавил на преглед, му била дадена ампуларна терапија, но поради прогресија на наодот, тешко дишење, температура, РТГ појава на бронхопневмонија тој бил хоспитализиран во суспектни пациенти. На 17.11. е земен брис и е добиен ковид позитивен резултат.

Пациентот на вчера претпладне, на 18 ноември, кога се делел ручекот избегал од ковид одделот каде бил хоспитализиран.

„За бегството било известено болничкото обезбедување, МВР и директорот на КБ Битола како и епидемиологот. Во 18 часот пациентот бил донесен со возило на ИМП и медицинска екипа во вонредно тешка општа состојба, неконтактибилен, тахидиспноичен, хипотензичен со немерливи витални параметри, немерлива сатурација, со пена на устата и изразена цијаноза. Според кажувањата на медицинската екипа од ИМП пациентот со приватно возило си отишол дома наводно да се наспие и одмори и се напил средства за спиење и смирување во непозната количина, веднаш заспал и не се будел по што семејството повикало ИМП кои веднаш дошле во домот и ординирале терапија која немала ефект по што е донесен на инфективното одделение. Од страна на дежурната екипа на Ковид одделот биле преземени реанимациски мерки, но без поволен терапевтски одговор. Во 18:45 часот настапила смртта со клиничка слика на тешка кардиореспираторна инсуфициенција и престанок на работа на срцето. Во системот не постојат внесени коморбидитети“, велат од Министерството за здравство.

Од СВР Битола потврдуваат дека лекар се јавил во полиција и пријавил дека лице позитивно на ковид избегало од болницата.

Од Болницата во Битола информираат дека ноќеска во Ковид центарот починаа тројца пацинети на 35, 55 и 73 години. Во овој момент се хиспитализирани 73 пацинети, најголем дел во тешка состојба. Пациентите се на возраст од 32 до 91 година. Од почеткот на кризата до денска бројот на починати во Битола достигна 65, од нив само во ноември починаа 40 лица. (А.Б.)