Боксовите во контролната кула биле личен конфликт, оцени директорот на М-НАВ


Фахрудин Хамиди

 

Не биле директорите, ниту притисоците за вработувања на одредени лица, туку синдикалниот лидер на М-НАВ ја доведувал во прашање репутацијата на Навигација со лажни клевети. и ги замајувал вработените.

Вака ги оцени напрегнатите настани во М-НАВ директорот Фахрудин Хамиди по вчершната ескалација кога група од осум насилници влегоа во контролната кула, а се „делеа“ и боксови. Според Хамиди, „кошкања имало во секоја организација“. Тој не гледа зошто би дал оставка кога владата веќе го најавила неговото разрешување.

Во изјава за новинарите Хамиди не даде одговор на прашањето дали во моментот кога се случил нападот била загрозена безбедноста на оние кои биле во авиони над македонското небо.  На тие прашања требало да одговори истрагата.

„Ние раководиме согласно сертифицирани процедури и во делот на обезбедување согласно меѓународни препораки. Има две рампи, има и трета и четврта и петта рампа. Така што, во тој дел не можам да навлегувам понатаму. Се случи еден немил настан, дефинитивно, и тоа не смееше да се случи, но се работи за конфликт помеѓу двајца колеги кои се знаат 20 години, кои биле заедно на школување“, рече Хамиди.

Тој го обвини синдикалниот лидер Александар Тасевски дека имал лукративни интереси и со тоа го кревал набојот во организацијата. Според Хамиди, и Тасевски бил случај на непотизам, оти во М-НАВ бил вработен во времето кога таму работел и неговиот татко, а во истата институција работи и брат му.

„Не е својствено за мене тоа да го кажувам, но веќе ги премина сите граници. Неговиот татко беше началник во контрола на летање, тогаш беше примен и тој, а истовремено и брат му работи како контролор на летање. Тројца од една фамилија. Такви кланови во М-НАВ постојат, пет-шест клана. Фахрудин Хамиди е тој што им смета на тие кланови. Да се вработат нивните деца“, рече Хамиди.