Боксот на Јанушев бил наменет за Даниела Рангелова


Досегашната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, во вечерашното гостување на ТВ24, откри дека боксот кој го споменува генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, во една од предизборните „бомби“ бил наменет за неа. Таа не откри повеќе детали за оваа изјава на Јанушев освен што кажа дека тој разговор бил во времето на локалните избори, кога Владимир Тодоровиќ го бараше вториот мандат како градоначалник на Општина Центар. И дека Јанушев тогаш му бил „записничар“ на Миле јанакиески.

Рангелова уште зборуваше дека со Јанушев немала добри односи, дека кога тој станал генерален секретар на партијата го поместил влијанието на жените во ВМРО-ДПМНЕ и ја умртвил Унијата на жени. Затоа, според неа, сега има помалку жени пратенички од нејзината партија во новиот парламент.

На каналот на „Јутјуб“ именуван како „Обнова на режимот“ во еден од разговорите се слуша Јанушев, кој вели: „Еј шефе“, а потоа и Јанакиески: „МИОА наводно, списокот кој ти си го внел како МИОА немал врска со нас“, а на ова Јанушев вели: „Сигурно? Кој го вика тоа?“, па добива одговор од Јанакиески: „Онаа Даниела, кука сега. Ме нервира, негатива, у пи*** мај****“. Јанушев повторно прашува: „Кое е тоа Даниелчето?“, на што Јанакиески одговара: „Даниела, оваа што е од општинскиот комитет“. На крајот од разговорот Јанушев му вели на Јанакиески: „Од таа ми е преку **р веќе, 50 мејла прати. Ако ја видам наредниот пат, утре вечер, ќе ѝ дадам еден бокс во фаца“.