Боки 13 во судница: Живеам за да ја докажам вистината за „Рекет“


Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, не дозволува затворот и здравјето да му го уништат стилот. Вчера полицајци од затворот во Шутка го донесоа дотеран и среден во Апелацискиот суд, на јавна седница на која ги понуди своите аргументи зошто треба да излезе од притвор. Сепак, вели дека неговиот физички изглед не го одразува неговото здравје и тешко дишеше додека пред судиите ја објаснуваше својата здравствена состојба.

Неговото здравје го нарушиле операциите за стеснување на желудникот, кои ги правеше во приватната болница „Систина“, во сопственост на бизнисменот Орце Камчев, кој го пријави за рекет. Јовановски со медицинска документација од специјалист од торакална хирургија на судот му докажуваше дека болеста му го загрозува животот, а во затворот во Шутка нема услови да добие соодветна нега. Јовановски вели дека има органски проблем по неуспешните операции на желудникот.

Поради лекарска грешка, му бил оштетен нервот на желудникот и поради тоа хранопроводот ја враќа храната, повраќа, ако не секој ден, преку еден ден. Освен проблеми со желудникот, тој имал проблеми и со белите дробови и со ‘ртбетот. И покрај сите здравствени проблеми, Боки вели дека живее за да ја докаже вистината за овој случај и да ја докаже својата невиност. „За оваа постапка јас треба да бидам жив и здрав, а не мртов“, им рече Јовановски на судиите.

Вели дека нема намера да бега, а тоа го аргументираше со неговиот ментален склоп, со неговата поврзаност со семејството. Иако во медиумите било пренесувано дека на 15 јули се обидел да избега, Јовановски вели дека тој заминал на годишен седумдневен одмор во Грција со повратен авионски билет. Жалбата за притворот на Јовановски до судот ја поднел неговиот адвокат Димитар Савовски, но пред петнаесетина дена Јовановски му го откажал полномошното, а единствен негов адвокат е Сашо Дуковски. Тој тврдеше дека Јовановски секој втор ден од затворот во Шутка бил носен на Клиниката за торакална хирургија.

„Тој практично нема желудник. Кога е во лежечка состојба, храната му се враќа. Мора да биде хоспитализиран. Поевтино е да биде хоспитализиран во болница отколку секој ден да го носат на Клиниката за торакална хирургија“, рече Дуковски.

Адвокатот побара на Јовановски да му биде укинат притворот бидејќи истрагата за случајот „Рекет“ е завршена и нема законски основи за попречување на истрагата и за влијание врз сведоци. Дуковски вели дека Кривичниот совет при судот постапува и како обвинител и како судија и неговиот притвор го продолжува како да е веќе правосилно осуден. Тој вели дека кривичниот совет при одлучувањето за притвор ги зел предвид начинот на извршување на кривичното дело, степенот на кривичната одговорност, видот и висината на санкцијата, за соочувањето со изрекувањето на казната затвор. Сепак, сите овие причини што ги наведува кривичниот совет за Дуковски се „бисери“ кои однапред го осудуваат осомничениот.

На јавната седница немаше претставник од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кој ќе ги образложи своите аргументи зошто Јовановски треба да остане во притвор. Судијата известител ги прочита аргументите на Обвинителството кое бара притворот на Јовановски да се продолжи. Тие како аргументи ги наведуваат неговата семејна ситуација, односно тоа што Јовановски нема семејство, нема работа, нема имот на свое име и често патувал во странство. Според Обвинителството, освен опасноста од бегство, Јовановски може да влијае на сведоци и да прикрива докази, но и да го повтори кривичното дело.

На новинарско прашање дали е можна спогодба со Обвинителството, адвокатот Дуковски вели дека засега не размислувале во тој правец ниту, пак, понудиле нешто. „За спогодба во оваа фаза треба двајца, не сме размислувале, џабе ние дури и да сакаме, иако не сме предложиле, треба согласност од другата страна“, вели Дуковски. Тој вели дека не знае што знае неговиот клиент, но додава дека можеби знае и повеќе од Обвинителството.

Судечкиот совет беше составен од тројца судии, Јани Нича, Зоран Димитриевски и Сафет Кадриу. Тие треба да донесат одлука дали Боки ќе излезе од притвор во Шутка и ќе се брани од слобода.

Одбраните на Боки и на поранешната јавна обвинителка Катица Јанева ги видоа доказите во Обвинителството и им останаа уште некои вештачења кои не беа готови. Тие нема да предлагаат докази, а наскоро исказ во Обвинителството првпат треба да дадат и Јовановски и Јанева.

Јанева го чека предметот „Рекет“, од Апелацискиот суд да биде предаден во Кривичниот суд, за кривичниот совет да може да одлучува по нејзината жалба дали ќе излезе од притвор.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б.Грданоски