Боки 13 утре ќе дава исказ во Обвинителство


Утре на пладне, првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13, со полициска придружба од затворот во Шутка треба да биде донесен во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, соопштуваат од Обвинителството.

Увидот во доказите заврши и утре за прв пат Јовановски треба да даде исказ во Обвинителството. Засега нема информација кога ќе даде исказ поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, која е третоосомничена во случајот „Рекет“.

Одбраната на Јанева и Јовановски петнаесетина дена вршеше увид во доказите. И двајцата беа донесени во Обвинителството пред околу две недели, но побараа првин да ги видат доказите што ги има собрано Обвинителството против нив, па потоа да дадат исказ, односно да ја кажат својата одбрана за овој случај.

Јовановски минатата недела на јавна седница во Апелација бараше да му биде укинат притворот и од Шутка да оди во домашен притвор, но неговата жалба беше одбиена, со образложение дека има опасност од бегство. Единствено Зоран Милески – Кичеец беше пуштен во домашен притвор кога Обвинителството заврши еден дел од истрагата за случајот.

Неговиот исказ Обвинителката која го води овој случај, Вилма Русковска, беше единствениот доказ кој не им беше даден на увид на другите обвинети и нивната одбрана.

Случајот „Рекет“ беше отворен во мај годинава кога беа уапсени Јовановски и Милевски. По еден месец во притвор заврши и Јанева, под сомнение дека изнудиле 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, кој го гонеше СЈО, со ветување дека ќе му ја прекинат истрагата за „Империја“. (Ф.Ф.С.)