Боки 13 со својот адвокат направи увид на доказите за „Рекет“


Во Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска, провосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски заедно со неговиот адвокат Сашо Дуковски извршија увид во дел од доказите за слчајот.

Дуковски нагласи дека е извршен увид на сите докази кои се готови до денеска, посочувајќи дека има одредени докази што  од технички причини не се готови.

– Гледавме се што е во јавниот обвинителски предмет. Сметам дека ова требаше да биде направено многу порано во текот на истрагата, но никогаш не е доцна, така што ете вршиме увид и ќе продолжиме  во наредните денови да  вршиме увид на по закон предвиден начин обвинетиот, односно осомничениот и јас.  Иако е веќе донесена одлука за завршување на истрага, малку невообичаена  позиција, но  сепак е подобро отколку воопшто да не се изврши увид во целокупниот материјал затоа што таму не беа само докази него имаше и други работи коишто најверојатно нема да продолжат да бидат користени како докази во оваа постапка, наведе адвокатот.

Според него три и полчасовното извршување увид не значи обемен материјал и оти станува збор за материјали кои во голем дел веќе ги знае јавноста и дека не видел искази на политичари.

– Па јас не знам што се јавноста видела.  Да, во голем дел да, исказ на некој сведок,  парични средства. Тоа да. Тоа можам да ви го кажам затоа што цела Македонија и пола свет го виде, другото би  се воздржал од понатамошно коментирање на материјалите што беа гледани денеска, истакна Дуковски.

За тоа дали има докази во рамки на истрагата и за Меѓународниот сојуз, Дуковски рече дека може да коментира само за конкретната постапка.

– Јас можам да коментирам само за конкретната постапка што  се води за Бојан Јовановски. За тоа дали ќе има некаква истрага, дали таа истрага ќе биде против Меѓународниот сојуз или против некое трето правно лице  или против некои трети физички лица, тоа е исклучиво и само исклучиво работа на овластениот тужител,  во овој случај обвинителот  од Обвинителството за организиран криминал.  Ако тој обвинител смета дека има доволен квантум на основи на сомневање ќе  покрене постапка. Јас тоа не можам да го коментирам, истакна Дуковски.

Тој потенцира дека не му е јасно зошто не им било дозволен увид во записникот за сослушување на осомничениот Зоран Милески, со образложение дека тоа може да го побараат  од неговите бранители, што, како што рече Дуковски,  за мене е неразбирлива позиција  затоа што веќе истрагата е готова.

Дуковски посочи дека дополнително ќе одлучат дали во иднина на доказите ќе вршат увид заедно, а оти за денеска смета дека било неопходно да биде присутен и Бојан Јовановски.

Првоосомничениот Јовановски и третоосомничената во „Рекет“, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева остануваат во притвор во КПУ – Затвор Скопје, додека второосомничениот Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот од вчера е префрлен во домашен притвор.

Дуковски за  второосомничениот Зоран Милески, за кого не го добиле записникот од сослушувањето напомена дека, колку што е информиран, Кичеец се брани со молчење.