Боки 13: Политичка пресуда, ви наредиле да ми го продолжите притворот


Осудениот Бојан Јовановски – Боки 13, место да се произнесе за побараното продолжување на притворот, се скара со судијката и ја обвини дека донела политичка пресуда.Таа побара да го изнесат од салата, но бидејќи продолжи да зборува за притворот, судијката дозволи да остане.
По изрекување на пресудата во случајот „Рекет“, во кој Бојан Јовановски – Боки 13 е осуден на девет години затвор, тој побара да не му го продолжуваат притворот.
Рече дека е донесена  политичка пресуда и дека со оваа пресуда, всушност почнала кампањата за изборите. Според него одлуката за притворот била  тенденциозна.
– Нема да се дадам во бегство. Едвај чекам да одам во јавното обвинителство да ги пријавам вистинските сторители на кривични дела. Знам дека ќе го продолжите притворот, така ви е наредено – ѝ рече Боки 13 на судијката. Тој притоа ја повика судијката  Васка Николовска Масевска да ги бара парите кај Зоран и Вице Заеви, а не кај него.

Неговиот адвокат бараше судот да се угледа на Судот за човекови права во Стразбур за мерката притвор кога веќе судијката се повикува на него за други пракси. Мерката притвор  се претвори во казна през пресуда, порача адвокатот на Јовановски.
Обвинителката Вилма Рускоска побара и куќниот притвор за Катица Јанева да биде укинат и заменет со притвор, поради опасност од бегство, но тоа не беше прифатено од судијката. Адвокатот на Јанева пак, побара да се укине куќниот притвор бидејќи 10 месеци  не покажала дека планира да бега.
Судот одлучи да го продолжи притворот на Јовановски, а Јанева останува во куќен притвор.