Боки 13 поднел кривични пријави против 30 лица

Фото: Б. Грданоски

Бојан Јовановски денеска  понесе кривични пријави против најмалку 30 лица. Нивните имиња, ниту профили не ги открива неговиот адвокат Сашко Дукоски. Неофицијално станува збор за актуелни и поранешни функционери, но и бизнисмени.

Тој пред обвинител денеска  ги објасни дејствијата на лицата во околу десетте кривични пријави. Против нив тврди дека има докази, а ако обвинителството отвори постапки, Боки 13 ќе сведочи.

„Се работи за кривични пријави коишто се поднесуваат и се исклучиво поврзани со предметот „Рекет“ и со предметот Меѓународен сојуз“, рече Сашко Дуковски, адвокат.

Пријавите се за кривичните дела измама, изнуда, злоупотреба на службена положба, давање на лажен исказ, противзаконито влијание, но и за несовесно лекување. Боки 13 од обвинителството бара за овие случаи да се вклучат најрелевантните меѓународни институции за заштита на човековите права и странски амбасади.

Тој во „Рекет“ доби казна од 9 години затвор, но против него во тек е уште едно судење за случајот Меѓународен сојуз, каде е обвинет за перење пари и измама.