Боки 13 останува во притвор, одбиена гаранцијата од 143.000 евра


Фото: Б. Грданоски

Апелациониот суд ја отфрли жалбата на обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и гаранцијата од околу 143.000 евра која ја понуди за да излезе од притвор.

Јовановски познат како Боки 13 приложи и медицинска документација за чир на желудник, а во притвор е повеќе од седум месеци.

Поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева која е исто така обвинета во случајот е во куќен притвор. Зоран Милевски исто така се наоѓа во куќен притвор до правосилноста на пресудата, бидејќи тој призна вина и доби три години затвор.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.