Боки 13 од болница вратен во Шутка

Првоосомничениот за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13 вчера бил вратен од болницата „8-ми Септември“ во затворот во Шутка, потврдуваат од затворот за „Фокус“.

Од Апелацискиот суд пак за „Фокус“ брифираат дека неизвесно е дали денеска ќе донесат одлука по барањето на одбраната на Боки 13 да биде пуштен во домашен притвор, бидејќи дел од членовите на советот денеска имале редовно судење.

Сепак извесно е дека за притворот на Боки 13 ќе се расправа на седница затворена за јавноста бидејќи одбраната на Боки 13 го повлече предлогот за јавна седница.

Јовановски на 26 ноември беше сместен во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не заради тежината на неговата здраствена состојба. Како што информираа од болницата, тој беше во добра општа состојба и здраствена кондиција и беше задржан за да се комплетираат резултатите од спроведените испитувања.

Останатите двајца обвинети за „Рекет“, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец се во домашен притвор.

Судењето за „Рекет“ треба да почне утре во Кривичниот суд во Скопје.