Боки 13: Не знаев дека ќе се отвори предмет „Империја“


Дека постои предмет „Империја“ дознав дента кога на сопствената телевизија одекна како вест дека СЈО отворило истрага против Орце Камчев, изјави денеска во судот Бојан Јовановски – Боки 13, каде сведочи за предметот „Рекет“ во кој е првообвинет.

– Категорично тврдам дека не сум знаел дека ќе се отвори предмет „Империја“. Сега знам дека целта беше да се злоупотреби моето познанство за да се запре кривичниот прогон и од оваа дистанца знам дека тоа било целта на Зоран Милевски и запознавањето со Орце Камчев, кажа Јовановски.

Нагласи дека за „Империја“ ниту знаел дека ќе се случи, ниту кога ќе се случи.

– Никогаш не сум направил нешто од тоа што беше побарано од мене од Милевски. Ниту сум можел да влијаам на Катица Јанева, ниту некој можел да и влијае. Тоа ќе можев да го докажам ако имаше вештачење на мојот телефон, да видите кој се ми има пишувано дека до Јанева никој не може да допре и дека е решена да оди до крај, изјави Јовановски.

Претходно Јовановски, кажа дека со Катица Јанева се запознал во септември 2018 кога ја барал да биде гостинка во емисија на неговата телевизија.

Конкретно за предметот „Империја“ рече дека се запознал со списите во текот на овој судски процес кога биле презентирани во судница.

За разлика од тоа дека од Катица Јанева не добил никакви информации, рече дека Вилма Русковска често директно го брифирала за нејзините дејствија и за тоа кога и кој ден ќе повикува.

Тој кажа дека имал средби со Русковска во неговата канцеларија, кои биле многу отворени во разговорите и на кои се пиело кафе и алкохол. Неговите тврдења одеа дотаму што ја обвини и за корупција и директна поврзаност со случајот „Дијамед“ за кој рече е директен сведок.

Обвинителката Вилма Русковска, пак, реагираше до судот да го предупреди и порача дека ако некој поседува докази против неа или кој и да е, има институции каде да се пријави, а не на ваков начин да се плука.

Судењето за предметот „Рекет”, почна во декември минатата година. На првото рочиште второобвинетитот Зоран Милевски – Кичеец ја прифати вината и доби осудителна пресуда од три години затвор. На Милевски пред неколку недели му беше укинат и куќниот притвор.

За овој случај Обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција, обвинетите Боки 13 и Катица Јанева ги товари дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев (обвинет во предметот „Империја”) за да му се укине мерката притвор во наведениот предмет.