Боки 13: Не само Ременски, и други беа дел од Сојузот


Фото: Б. Грданоски

Во своите воведни зборови, првообвинетиот во случајот “Меѓународен сојуз”, Бојан Јовановски рече дека не само обвинетата Фросина Ременски, туку дека и многу други лица биле дел од Меѓународниот сојуз и потпишувале договори, јави ТВ21.

„Јас тогаш бев симпатизер и граѓански активист на СДСМ и дел од Шарената револуција. Од тогаш започнуваат контактите со Ременски, сум имал контакти и со повисоки лица од партијата“, рече Бојан Јовановски.

Во однос на проектот, рече дека тој бил донесен во 2017 година, а потоа започнала и негова реализација.

Идеен творец на проектот била пензионерката Лилјана Тодоровска, а таа била и дел од Собраниeто.

„Таа ги прими средствата од Силјан Мицевски. Потпишани се правни акти предоговор, а потоа и договор со ГП Пекистер. Решавачки факти ќе бидат потпишаните договори кои ќе ги презентираме“, рече Бојан Јовановски во своите воведни зборови.

По 1.490.000 евра од ГП Пелистер и 980.000 евра од Дрим Билдинг од Адријан Амзовски требало да бидат уплатени преку авторска агенција на Лилјана Тодоровиќ и Јасна Мандиќ, но Бојан Јовановски – Боки 13 тврди спротивно на обвинението, дека парите не завршиле кај него, пишува ТВ21.

Од средствата само 50% биле уплатени, односно околу еден милион евра.

Потенцираше дека истиот проект бил нуден и на претходната влада како и на повеќе општини.

Откако пензионерката по препорака на Мила Царовска, како што вели Боки 13, пристапила во Меѓународен сојуз, се претставила како дел од Асоцијација на пензионери, додавајќи дека тие веќе имале воспоставено систем, кој требало да биде имплементиран во Македонија.

Јовановски во своите воведни зборови рече дека парите не завршиле кај него, додавајќи дека има фотографии кои како што вели тој ќе бидат решавачки за предметот, но за тоа побара од судот вештачење на неговиот мобилен телефон.

Јовановски тврди дека од Ардијан Амзовски добил и 350.000 евра во кеш, а потоа ги вратил на истиот, за што вели дека има и докази, фотографии.

Јовановски во претходниот предмет “Рекет”, за кој има неправосилна пресуда, ја имаше фотографирано екс-специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со сноп евра во нејзиниот дом.