Боки 13 изрекетирал милион и пол евра и ги трошел за одмор


Јавното обивнителство информираше дека две лица се осомничени за примање награда за противзаконито влијание.

Според обвинителката Вилма Рускоска, во периодот од ноември минатата година до април годинава, осомничените барале рекет од бизнисмен, за кој се водела постапка.

Тие му ветувале дека преку јавен обвинител (чие име не е сè уште познато за јавноста) ќе влијаат да се олесни постапката која се водела против него.

Повеќе медиуми денеска објавија дека осомничените, кои се приведени се Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Зоки Кичеец).

„Обвинителството од втори мај 2019 година против две лица водеше предистражна постапка, при која се собрани материјални и вербални докази. Од месец ноември 2018 до месец април 2019 година првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставувал меѓусебен контакт. На средбите осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосмничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле еден милион и петстотини милиони евра“, рече шефицата на Јавното обвинителство за организиран криминал Вилма Рускоска.

Таа додаде дека за време на средбите, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него.

„Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан, повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока“, рече Рускоска.

Во периодот кога медиумите објавијва дека Јовановски и Милевски се приведени, стигна и соопштението од Специјалното јавно обвинителство дека Катица Јанева си поднесува оставка.

Изминатиов период, новинарот Бранко Геровски во серија написи пишуваше за рекетирање од страна на телевизиски газда, а подоцна во интервју на својата телевизија Јовански потврди дека се препознал во текстовите.

Геровски за случувања денеска рече дека акцијата на органите на прогонот е прв одлучен и жесток удар против „бомбашкиот рекет” во Македонија.

-Иако сè уште ги очекивам деталите од истрагата, се сомневам дека тоа е причината и за оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева. Како што е познато, јас веќе со недели водам своевидна медиумска војна со ова зло, поради што бев изложен на многубројни навреди и атаци. Сето тоа ќе се заборави. Сега ги повикувам жртвите на случаите на рекет и изнуда храбро да сведочат и да му помогнат на Обвинителството да го документира случајот. Доста молчевте, господо бизнисмени, додека безобѕирно ве толчеа. Со или без путер на главите, време е да пеоговорите. Апелирам и моите колеги новинари да го прекинат заветот на молчење. Отворете уста, колеги, време е. Ајде нека дојде сега до израз вистинското истражувачко нивинарство. Првиот што ќе се охрабри јас лично ќе го предложам за европската награда за истражувачко новинарство – вели Героски.