Боки 13 итно опериран во поранешната Градска болница


Фото: Б. Грданоски

Бојан Јовановски, алијас Боки 13, денеска бил итно пренесен на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (поранешна Градска болница во Скопје), објави вечерва Фактор.

Причина, според болнички извори како што се наведува во веста, е силно воспаление на желудникот поради што ќе биде подложен на хируршки зафат.

Јовановски и за време на рочиштата за предметот „Рекет“ често пати се жалеше на сериозни здравствени проблеми. Како првообвинет во случајот, Боки 13 е осуден на казна затвор во траење од девет години.

По објавување на пресудата, тој, преку својот адвокат Сашо Дуковски, поднесе кривични пријави во скопското Обвинителство за најмалку 30 лица за кои тврдеше дека се поврзани со случаите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, а се однесуваат на злоупотреба на службената положба, измама, итн.