Боки 13 да ти бил регионална модна икона


На „модно освестениот“ Бојан Јовановски, според исказите на сведоците што ги предложи, големи модни куќи му подарувале облека затоа што тој бил инфлуенсер

 

Денешното рочиште на судењето за случајот „Рекет“ повеќе личеше на пофалби за модниот стил на Бојан Јовановски отколку што откри повеќе детали дали тој изнудувал пари од Орце Камчев. Тие пофалби дојдоа од сведоците што беа предложени од Боки 13.

Познатиот стилист од скопската сцена, Сергеј Варошлија, кој беше една од главните личности во телевизијата 1ТВ, го претстави Јовановски како негов пријател последните 15 години.

Според Варошлија, Бојан Јовановски бил своевидна модна икона во регионот, па дури и пошироко. „Тој во 2012 година се врати од Белград и тогаш стана некако модно освестен и среќаваше луѓе од  модниот бизнис. Соработуваше со ‘Версаче‘ и други познати модни куќи кои го бараа бидејќи сакаа луѓе кои се различни, кои не се здодевни, а Бојан беше токму таков. Беше сѐ само не здодевен лик. Често му подаруваа и облека“, зборуваше Варошлија.

И сопственикот на една галерија во Скопје, Александар Кртов, кој сведочеше пред него, говореше во сличен стил. Тој дури и му дал скапоцени уметнички слики за да ги стави во неговиот дом во куќата во скопското село Орман. Во некоја рака изгледа и нестварно дека сопственикот на галеријата му дал слики на двајца од нашите најголеми уметници „за реклама“.

„Не сме склучиле договор, но имам реверс дека сум му дал уметнички дела на Јовановски. Тоа е пракса на секоја галерија, се обидуваме на секој начин да се испромовираме. Ги даваме на одреден период и тоа најчесто беа оригинални уметнички дела. На Јовановски му имам дадено пет слики од Личеноски, една од Мартиновски…“, рече Кртов.

Можеби Кртов верувал дека гостите што доаѓале во куќата на Боки 13 можат да бидат идните купци, но е зачудувачки како тој префрлил толку важни слики во еден приватен дом наместо да стојат закачени во неговата галерија.

Но не бил само галеристот Кртов кој сакал да извлече некаква корист од „модно освестениот“ Боки 13, туку и сопственичката на еден оптичарски дуќан и пријателка на Јовановски, Марија Јанковска. Таа во судот објаснуваше како често му подарувала наочари на Боки 13 за да ги рекламира за потоа тој потег да ѝ донесе нови муштерии. И Јанковска тврдеше дека многу модни куќи му подарувале облека на Јовановски, споменувајќи ги „Версаче“ и „Валентино“. Како пријатели тие заедно оделе и на одмор, но тврдеше дека сама си ги плаќала трошоците. Биле во Италија, Франција и Грција, „а Бојан имаше контакти и средби со менаџерите од модниот свет. Тие знаат да подарат некои работи на познати личности, инфлуенсери. Се случувало и на Боки да му подарат“, објаснуваше Јанковска.

„Стилистот, шминкерот и фризерот“ (како што самиот се претстави) – Сергеј Варошлија, во судот даде и објаснување како дошло до апсењето на Боки 13 на македонско-грчката граница. Четворица пријатели – Бојан Јовановски, Сергеј Варошлија, Лила Филиповска и Анета Кочишки – тргнале на седумдневен одмор на грчкиот остров Миконос. „Сите прво се сретнавме кај Бојан дома. Кога стасавме на граница Бојан го приведоа, рекоа дека тој ќе остане, а ние може да си одиме. Службените лица мислеа дека сѐ што е брендирано во куферите и во автомобилот му припаѓа на Јовановски, па заедно со неговите работи запленија и мои брендирани обувки и облека. Секој сам си го плати својот одмор“, објаснуваше Варошлија.

Судењето продолжува утре со нови сведоци на одбраната. (Н.В.)