Боки-13 бара повторување на судењето за „Рекет“ – тврди дека Русковска и Камчев знаат каде се парите од ташната „Луј Витон“


Фото: Б. Грданоски

Бојан Јовановски денеска во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“ во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години.

„Оваа одредба ја користиме врз основа на прибавување на нови докази. Барањето е поднесено поради нови околности и докази кои не беа употребени во доказната постапка. Имено, во стапување на правосилноста на пресудата каде тужител беше Орце Камчев се докажа дека при побарувањата се неутврдени, и не може човек кој не сторил неправо да бара право и не се утврдени елементи за да добие статус на оштетен и да добие назад средства кој што беа неутврдени во пресудата. Денеска доставивме барање при кое треба да се утврдат нови елементи со економско вештачење кој ги приложи Орце Камчев пред граѓанскиот суд. Самото економско вештачење не кореспондира со образложението на пресудата за „Рекет“ и исказите дадени од Орце Камчев и Ана Камчева“, изјави Бојан Јовановски.

За фамозната торба Луи Витон во која се гледаше како Камчев му ги пакува парите на Боки на видео кое беше дел од доказите, бизнисменот на суд во текот на постапката во времето кога се судеше „Рекет“ изјави:

„Не може да биде во торба Адидас, нема да личи. Му ги спакував во торба Луј Витон оти он многу го љуби тој бренд. Па уште ми замери и за тоа дека парите биле по 50 евра, а тоа беше намерно така за да му ја наполнам торбата“, рече Јовановски.

„А за парите од „Рекет“ Русковска и Камчев знаат каде се.  Русковска со овој предмет си направо себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија 1 ТВ, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави. Русковска зборуваше онака како ќе и се погодеше денот, а не со аргументи.“, додаде Боки 13.

Бојан Јовановски излезе од затворот во Идризово кон крајот на минатата година со барање за прекин на издржување на правосилна судска пресуда поради влошено здравје. Во најголемиот затвор во државава тој ја издржуваше затворска казна за „Рекет“, а во ќелија мина 4 години. Сега го чека ново повторено судење за „Меѓународен сојуз“ бидејќи Апелацискиот суд неодамна ја укина пресудата за овој предмет и го врати на почеток.