„Бојкотирам“ ќе бојкотира и на 21 април
Предизборни поделби или игри во десничарскиот табор? Поранешниот пратеник Александар Пандов е уште еден од низата личности од десничарската орбита кои деновиве отворено најавуваат неучество на претседателските избори. Наспроти стравувањата за тивок бојкот на ВМРО-ДПМНЕ во одлучувачкиот изборен круг, Пандов е меѓу оние кои најавуваат комплетна апстиненција.
Гостувајќи на ТВ 21, Пандов истакна дека нема да гласа на претседателските избори на 21 април, односно на 7 мај. На тоа реагираше неговиот соговорник од пратеничката група на СДСМ, Павле Богоевски, посочувајќи му на Пандов дека поттикнува бојкотот, односно апстиненција на гласачкото тело во вториот круг, со цел да не се избере нов шеф на државата, односно, како што истакна, да не се дозволи победа на Стево Пендаровски.
Иако Пандов изјави и дека нема да го ажурира членството во ВМРО-ДПМНЕ и дека во иднина ќе настапува како независен, неговата најава за изборна апстиненција е симптоматична со оглед на тоа што тој уште пред неколку месеци упати повик до опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за бојкот на претседателските избори, доколку, како што велеше тогаш, паралелно не се распишат и предвремени парламентарни избори. Набрзо потоа, Мицковски го „сервираше“ барањето за вонредни избори, но владејачката гарнитура одлучи да не ги спојува изборните процеси.
Покрај Пандов, во изминатите денови и други политичари од десничарскиот табор најавија неучество на изборите. Некои од нив беа дел од иницијативата „бојкотирам“, која отворено се залагаше за бојкот на референдумот за името, наспроти тивкиот бојкот што ВМРО-ДПМНЕ го затскриваше зад т.н. неутрален став во однос на (не)излегувањето на гласање. Најава за апстиненција дојде и од Солза Грчева, која посочи дека партијата Глас за Македонија ќе ги бојкотира претседателските избори. Таа рече дека партијата нема да излезе на изборите и дека членството нема да гласа ниту за еден од понудените кандидати.
– Не знам зошто би дале шанса на едните или на другите. И двете партии не трчаат по неопределените гласачи, туку по гласачите во свои кампуси бидејќи во двата кампуси ја изгубија поддршка. Сега треба да ги убедат своите членства дека треба да излезат да гласаат. Посакувам да нема цензус, по што би дошле до техничка влада која ќе распише предвремени избори – рече Грчева на Канал 5.
Професорката Тања Каракамишева, која минатото лето го придружуваше Мицкоски на лидерските средби за референдумот, пак, преку социјалните мрежи постави прашање зошто да се гласа на претседателските избори, кога претседателот нема надлежности за поништување на договори како што се Преспанскиот или Договорот со Бугарија. За тоа, според Каракамишева, е потребна промена на Владата. Со ваков став, таа излезе, по повикот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова до граѓаните да излезат да гласаат. Според Силјановска-Давкова, успехот на претседателските избори ќе значи вовед во предвремени парламентарни избори, а во спротивно Талат Џафери ќе стане претседател без избори.
Негацијата на Преспанскиот договор и неприфаќањето на новото име на државата, всушност, се централни точки во преткампањата на Силјановска, какви што се и ставовите на дел од луѓето од опкружувањето на ВМРО-ДПМНЕ кои сега најавуваат изборна апстиненција. Иако бројката на поддржувачи на идејата за целосен бојкот на изборите можеби не е значителна, проценките се дека поради таа апстиненција може да се зголеми разликата меѓу Пендаровски и Силјановска, независно од „балансот“ што се очекува да се постигне со вклучувањето на Блерим Река во изборната трка. Евентуална позначителна предност на Пендаровски во првиот круг, пак, како што се проценува во политички кругови, би можела да биде искористена како аргумент од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за оспорување на регуларноста на изборниот процес и да биде повод за бојкот на вториот и одлучувачки круг.
На неодамнешниот ТВ-дуел со премиерот Зоран Заев, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да бојкотира – доколку првиот изборен круг биде кристално чист. Но политичките оценки за регуларноста на првата рунда од изборите може да бидат релативна и субјективна работа и да не бидат на иста линија со оценките на меѓународните и домашните набљудувачи.
Потребни се 723.252 гласачи за избор на нов претседател
Вкупно 1.808.131 избирачи ќе може да учествуваат на шестите претседателски избори во земјава. Државната изборна комисија вчера го заклучи Избирачкиот список за изборите на 21 април, односно 5 мај, кога ќе се гласа и за нови градоначалници на општините Охрид, Дебар и Ново Село. Според ДИК, 1.726.696 граѓани ќе гласаат на денот на изборите, а останати, како иселениците, затворениците и болни и изнемоштени лица се наоѓаат на посебен Избирачки список и ќе гласаат ден претходно. До ДИК биле поднесени 50 барања за корекција во списокот.
За претседателските избори да бидат успешни, односно за да биде избран петтиот шеф на државата, одлучувачки е вториот круг, кога на гласање треба да излезат 40 проценти од запишаните гласачи. Според бројката што вчера ја соопшти ДИК, тоа би значело дека на 5 мај на гласачките места треба да се појават најмалку 723.252 избирачи.
Во претседателската трка овој пат учествуваат тројца кандидати – Гордана Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Еден од нив ќе биде елиминиран во првиот круг, а победник ќе биде тој кој во вториот круг ќе освои мнозинство гласови, под услов да се постигне одѕив од најмалку 40 проценти.
Избирачкиот список е овој пат нешто помал од бројката на гласачи за референдумот на 30 септември минатата година, кога право на глас имаа 1.806.336 избирачи. Цензусот за референдумот е 50 проценти, но тогаш на гласање излегоа само околу 36 проценти од евидентираните гласачи.
На последните локални избори во 2017 година, пак, право на глас имаа 1.814.644 избирачи.
В недела напладне во просториите на ДИК кандидатите за претстојните избори треба да потпишат кодекс за фер и демократски избори. Кампањата почнува в понеделник и ќе трае 20 дена пред првиот круг гласање. (А.М.М.)