Бојкотичарите за повикот на Силјановска: Нека дојде, да видиме дали ќе нѐ разубеди


Во изборната ноќ кога резултатите од гласањето покажаа израмнета битка меѓу двајцата кандидати поддржани од власта и опозицијата, професорката Билјана Ванковска, која важи за жесток поддржувач на колешката Гордана Силјановска – Давкова, реши да се пресмета со бојкотирачите во десникот кампус. Според неа, бојкотирачите станале фуднаметалисти, кои нѐ понудиле понудија ништо освен пизма, завист, суета, ароганција, па и примитивизам.
„На исто место се најде чудна и неверојатна дружина на Палчопвци и Росоклии, Каракамишеви и Мирки… Највалканата кампања дојде од овој кампус, дури и кога беше завиткана во квазинаучна (со импакт фактор) обланда“, смета Ванковска.
Веднаш доби одговор од Тања Каракамишева, која, иако прв човек на правната комисија во ВМРО-ДПМНЕ и партнер на лидерот Христијан Мицкоски во лидерските средби пред референдумот за името, се претвори во заговорник на апстиненција на изборите за претседател.
„Најголемиот душман на ВМРО изминативе години повторно во деструктивен поход на неконтролирани навреди, измислени табори и филмови. ‘Либералкава’ никако да ја научи вредноста на индивидуата. Моите Вмровски, македонски и патриотски идеали не ме прават фундаменталист, напротив. Кои се твоите идеали Билјана?“, возврати Каракамишева.
Всушност, бојкотот во тврдото вмровско крило се означува како втора причина (првата е албанските гласови што завршија кај Пендаровски) што не му е зададен пораз на СДСМ во првиот изборен круг. Иако никој не може со сигурност да каже за колкава бројка станува збор, а одредени кругови во партијата лицитираат со најмалку педесетина илјади, тој круг на луѓе се тагира како исклучително важен за мобилизирање пред вториот решавачки круг.
Од таа причина, и Силјановска најави дека ќе разговора со приврзаниците на движењето „Бојкотирам“ со цел да ги убеди да гласаат за неа на 5 мај.
„Апстиненцијата може да се гледа од повеќе агли. Прво, факт е дека таа е далеку поголема во албанските средини отколку во македонските, а јасно ни е зошто. Зашто по појавата на еден граѓански ориентиран, едуциран кандидат каков што беше Блерим Река, Албанците односно албанските гласови не се согласуваат веќе да служат нивните гласови за етнопартиска трговија, туку се спротивставија на тоа. Што се однесува до вторито круг, јас мислам дека ќе има цензус, иако се разбира дека дел од граѓаните не сакаат ни да помислат да излезат на гласање поради името, тоа се оние од ‘Бојкотирам’, а кон нив се приклучи и дијаспората. Но, јас имам намера отворено да разговарам со нив, да им објаснам дека нема цел неколкукратното бојкотирање, дека проблемот со името на легален начин се решава внатре во институциите и ќе ги повикам да гласаат на изборите“, вели Силјановска.
Аналитичарот Александар Пандов, кој јавно се залагаше за бојкот, сега вели дека е подготвен да се сретне со Силјановска и да му ги предочи аргументите зошто треба да ја смени одлуката.


„Јас сум исклучително среќен што кандидатот на власта оствари полош резултат од оној што го имаше пред пет години кога се натпреваруваше како опозиционер во време на ‘режимот на Груевски’. Тие избори, патем, СДСМ не ги призна. Но, познавајќи ги манирите на Заев, не се сомневам дека е подготвен на сите чесни и нечесни методи само да ја оствари целта во вториот круг. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде свесно за тоа и да внимава да не биде спотер за остварување на цензус. Но, доколку нивната проценка е дека треба да се оди на максимум во надеж дека Силјановска ќе победи – во ред, јас немам намера да бидам кочничар. Доколку Силјановска побара да се видиме – нема проблем, нека ги каже своите аргументи, а јас не можам уште сега да ветувам дека ќе излезам да гласам“, коментира Пандов.
Аргументите на бојкотирачите од десниот кампус се дека со гласањето на претседателските избори, се дава легитимитет на Преспанскиот договор и промената на името. Тие сметаат дека треба промената на уставот без потпис на претседател на државата е ништовна, поради што сметаат оти е потребно да се бојкотираат и овие, како и сите други следни избори за да не се обезбеди цензус. Меѓу нив, има и такви што се незадоволни што ВМРО-ДПМНЕ излезе на натпревар со кандидат што воопшто не е дел од партиските структури, особено земајќи и за зло што во 90-тите беше дел од владата на Бранко Црвенковски. Секако, во друштвото што се залага за бојкот, има и такви што се незадоволни од лидерството на Мицкоски или, пак, што на било кој начин се отфрлени од новото раководство, па се обидуваат да помогнат партијата да оствари што е можно полош резултат.
„Не заборавајте дека избирачкото право е лично и тајно. Никој не смее, никој нема право да ве испрашува дали сте гласале или дали не сте гласале, или ако сте гласале за кого сте го дале својот глас. Никој не смее да ве повика на одговорност, никој не смее да ве малтретира или принудува да гласате или да не гласате. Тоа е само ваша одлука. Ако се демократски, како што се колнат партиите, мора да го почитуваат вашето/нашето избирачко право“, заклучува Каракамишева.

Горан Адамовски