Бојкот на наставата во битолските училишта


Градоначалничката Наташа петровска за време на една поранешна посета на училиште бо Битола

БИТОЛА – Битолски ученици ја бојкотираат денешната настава со образложение дека се против реформите во образованието што сака да ги спроведе Министерството за образование.

Родители на учениците од повеќе основни и средни училишта во Битола денеска ги известиле класните раководители дека нема да им дозволат на децата да се вклучат на настава, без оглед дали се онлајн или со физичко присуство.

„Со вакви реформи  во образованието не го праќам детето на настава. Ова се политички реформи, не за доброто на децата. Утрово отидов до училиште и и кажав на наставничката дека не го носам детето на настава. Имаше родители кои ги оставија своите деца, но тоа е нивни избор. На настава онлајн нема да се вклучи и поголемиот син. Вака ќе биде сѐ додека не се повлечат реформите“, вели родител од Битола за „Независен“.

Директор на основно училиште во градот вели дека а денеска имаат отсуство на ученици од настава, но дека не ги знаат причините за тоа.

Поради воведување на дигитални ученици бојкот на наставата има и во неколку средни училишта во градот, каде средношколци се вклучиле на првиот час и им кажале на класните раководители дека нема да следат настава денеска.

Родители на средношколци велат дека ќе почнат со собирање на потписи против законот за дигитални учебници и велат дека никој не ги организира туку ова е одговор на најавените реформи кои не се за добро ни за сегашните ни за идните генерации.

Од Општина Битола ни одговорија дека во сите училишта се одвива настава. „Во одредени училишта има отсутни од наставата, но сѐ уште немаме повратна информација за причините за нивно отсуство“, се вели во одговорот на општинските власти. (А.Б.)