Бојкот го намали прометот во супермаркетите за над 22 отсто


За 22,12 % е намален прометот во осум поголеми синџири на маркети во земјава вчера кога беше организиран бојкотот на маркетите, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП).

Според овие податоци во четвртокор до полноќ во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 232.791.773 денари, а издадени се 417.866 фискални сметки. На денот на бојкотот, односно вчера до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 181.288.348 денари, а издадени се 346.317 фискални сметки.

– Кај овој анализиран период кај осумте поголеми синџири на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 22,12% – велат од УЈП.

Споредбата, пак, на прометот вчера со претходниот петок покажува зголемување на прометот за речиси 37%.

На 31 јануари до полноќ, во GPRS системот на УЈП беше регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Вчера, пак, е остварен за 36,95% поголем промет во однос на претходниот петок.

-При споредбата на регистрираниот промет на крајот на месецот односно деновите 31.1.2025 и петок 7.2.2025 година треба да се имаат предвид различните фактори кои можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување – велат од УЈП.

На претходниот бојкот на маркетите кој беше организиран на 31 јануари (претходниот петок) прометот беше намален за 47%.