Бојко Борисов влегува во челуста на Делјан Пеевски
На некој полека политички му се стемнува, а друг како ламја граби напред.
Така политичките аналитичари го објаснуваат драматичниот развој на ситуацијата во Бугарија и забрзаното влегување на сите пори во власта на санкционираниот олигарх според законот Магнитски, Делјан Пеевски. Познатиот социолог Прван Симеонов, основач на агенцијата „Мера“, вели дека времето на лидерот на ГЕРБ, Бојко Босисов, полека истекува. И тој го знае тоа.
Симеонов во изјава за Бугарското национално радио рече дека неколкуте појавувања Борисов пред активните членови на партијата биле како терапевтски говори. „Политиката во нашата земја е деградирана на психологија, а неговото однесување наликува на болно сознание дека времето ќе му истече“, вели Симеонов.
Минатата недела, поранешниот премиер двапати ги собра пратениците во седиштето на партијата. Првиот пат за да ги испрати на состаноци со електоратот низ целата земја, а вториот пат – за да изјави дека партијата не сака избори и дека мора да се договорат за поддршка со Делјан Пеевски.
Причината за неговите испади беше катастрофалниот резултат на ГЕРБ на локалните избори за советот во градот Пазарџик. Партијата на Борисов падна на шестото место, а ДПС – Нов почеток на Пеевски победи на гласањето.
Борисов првично се закани дека ГЕРБ ќе ја собори владата, каде премиер е нивниот кадар Росен Жељасков. Неколку дена подоцна, сепак, се предомисли и објасни дека го познава Пеевски 20 години и знае што да очекува.
„Знам дека кога ќе му кажам нешто, тој се согласува. Знам дека кога ќе ме замоли за нешто, јас го исполнувам тоа“, беа неговите зборови.
„Забележавме емотивна сцена без никаков посебен план. Имаше страст, но немаше план. Не гледам ништо освен иритација на човек кој гледа дека Пеевски напредува, а Борисов нема потег. Ова е терапевтско зборување пред група“, рече Симеонов.
Според него, на следните избори, Пеевски ќе стане посилен, па дури и може да се изедначи со резултатот на ГЕРБ.
„ГЕРБ е заслабнат. Вчера имаше луѓе чии изрази гласеа – што правам јас тука. Беше понижувачки. Гледам болна реализација на тежок, бавен политички ќор-сокак, бидејќи Пеевски доаѓа. Со своите движења, Борисов сè повеќе му влегува во уста на Пеевски“, рече социологот.
Според Симеонов, Борисов мора „да избере брег помеѓу Радев и Пеевски“.
„Сè што може да направи е да се надева дека Радев ќе излезе на терен, ќе го победи Пеевски и Борисов ќе биде ослободен“, рече социологот.
Тој истакна дека во моментов сите баратели на работа трчаат кај Пеевски и тој не мора да ги купува.
„Единственото нешто што може да тргне наопаку со Пеевски е тоа што оди предалеку. Има одредени недостатоци што го спречуваат да изгледа прифатливо. Тој само оди напред“, додаде Симеонов.