Бојко Борисов се плаши да не заврши како Груевски


Бојко Борисов изгледаше многу посимпатичен кога на двапати, арогантно, поднесуваше оставка. А сега? Сега се фатил за власта како давеник за сламка. Можеби затоа што има од што да се плаши

 

Нема ништо поочајно од политичар кој се држи за власта како давеник за сламка. Со заби, нокти и контра-протести на протестите против неговото владеење. Бојко Борисов изгледаше многу посимпатичен кога на двапати арогантно поднесуваше оставка, уверен во нова изборна победа. „Луѓето ме враќаа“, велеше тој. А сега најави дека останува за да го зачува „демократскиот мир“.

Всушност, се чини дека сака само да ја спаси својата кожа. Ветувајќи дури и реформа на судството. Дали е тоа затоа што се плаши од обвинителството и немањето гаранции за неговата постпремиерска неприкосновеност, како што сугерираше судијката Мирослава Тодорова? Според неа, „политичкиот систем, кој го произведе обвинителството какво што е, и  главниот обвинител каков што е – без јасни механизми за одговорност и отчетност, почнува да се плаши од главната алатка што ја користеше во одредени ситуации за политички цели“.

Лидерот на партијата Да, Бугарија, Христо Иванов, неколку пати предупреди дека Борисов е заложник на заткулисноста. И затоа се плаши да ја пушти власта, затоа што знае дека ќе стане „плен на неговите поранешни пријатели“. Ако тоа се случи, барем на прв поглед ќе биде разнишан митот за недопирливите политичари во Бугарија, кои никој не ги задева откако ќе се симнат од власт. А, дури и ако ги „задеваат“ тие завршуваат со ослободување или прекин на случаите.

Ова е токму она што се случи со премиерот на тројната коалиција, Сергеј Станишев, кој беше обвинет во 2009 година за седум изгубени тајни извештаи. Трипартитната коалиција имаше многу поголеми престапи, но не се соочи со никакви последици и покрај заканата на Борисов пред изборите во 2009 година дека: „Ќе ги однесам Станишев и Доган во затвор“.

Друг премиер, социјалистот Андреј Луканов, претставник на врвната партиска номенклатура пред 10 ноември 1989 година и бугарски премиер во 1990 година, беше обвинет од главниот обвинител Иван Татарчев за злоупотреба на јавниот имот од особено големи размери. Сепак, обвинувањето не се однесуваа на неговите активности како премиер, запаметени по едностраниот мораториум на надворешниот долг и по гладната „Луканова зима“ – бонови, шпекулации и првичната мафијотизација на економијата. Луканов никогаш не беше осуден а случајот беше отфрлен.

Состојбата денес е поинаква – обвинителството поднесе тужба и нареди експертиза на сите аудио снимки на кои наводно се слуша гласот на Борисов и на целиот материјал објавен во медиумите. Ова се случува додека тој сè уште е актуелен премиер, но големото прашање е кога ќе бидат објавени резултатите од истрагата – додека тој е на функција или по очекуваната оставка. Има и трета хипотеза – заклучоците од истрагата да предизвикаат негово повлекување. Експертизата која европратеничката Елена Јончева ја нарачала во американска лабораторија открива дека гласот на една од снимките е несомнено на Борисов.

Она што се слуша на снимките, покажува дека Борисов посакува да биде како Орбан, но во реалноста тој е копија на Груевски. Режимот на поранешниот македонски премиер исто така беше обвинет за корупција и притисок врз медиумите и судството. После три мандати на власт, Никола Груевски падна поради откритијата за масовно нелегално прислушување, вклучително и на странски дипломати, скандалозно владеење, репресија врз политичките противници, непринципиелни именувања на судии, оф-шор шеми во кои беа вклучени премиерот и неговите соработници, итн. Груевски  сега се крие во Унгарија за да избегне затворска казна.

А Бојко Борисов, гарантот на статус квото, го убедува бугарското општество дека е гарант за рестартирање на системот. Како и во парадоксот на Журден, каде едната страна од картичкатаата гласи: „Тврдењето од другата страна е вистина“. А другата страна на картичката вели: „Тврдењето од другата страна е лага“.

Што и да вети Борисов, протестите растат. Вчера им се придружија и медицински сестри. И, иако премиерот вети нацрт за нов устав, дали некој верува дека ГЕРБ и владеењето на правото се компатибилни? Што се однесува до стручноста на авторот на овој нов устав – министерот за правда Данаил Кирилов – адвокатот Михаил Екимџиев го кажа следново: „Откако премиерот му забрани да пишува на Фејсбук, тој очигледно решил да вежба со уставот“.

Бугарите што протестираат сакаат да функционира владеењето на правото, а не законот на џунглата. Дури и ако сите во Бугарија сакаат некој конечно да понесе одговорност за целата 30-годишна транзиција, инструментализирана зад сцената, Борисов не може да ја сноси целата вина.

Но, сепак со некој треба да се почне. (Дојче веле)