Бојко Борисов не може да се помири со загубата на Софија
Лидерот на ГЕРБ ги повика неговите поддржувачи во вториот круг да гласаат за Вања Глигорова, кандидатка на популистичката левица, комунистите и русофилските партии
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, не може да се помири што кандидатот на неговата партија не влезе во вториот круг на локалните избори во Софија и ги повика неговите поддржувачи да гласаат против нкандидатот на неговиот партнер во владината коалиција, Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија. Во првата реакција по локалните избори Борисов ги повика поддржувачите на ГЕРБ да гласаат за Вања Григорова, кандидатка на левицата, која беше втора на гласањето зад Васил Терзиев од ПП-ДБ.
„Како што рече Антон Хекимјан (кандидатот на ГЕРБ – н.з.), државната сопственост е подобра од државната безбедност“, рече Борисов од Пловдив, каде првпат го коментираше првиот круг од локалните избори што заврши пред два дена.
Борисов ги повика луѓето да гласаат според својата совест, бидејќи нема заедничко решение со ПП-ДБ. Борисов рече дека ако ГЕРБ и ПП-ДБ меѓусебно се поддржуваа, ќе имаа градоначалници насекаде и тоа ќе донесеше стабилност.
Така, Борисов и неговата партија ГЕРБ, кои се претставуваат како евроатлантисти, ја поддржаа политичката кауза претставена од познатата синдикалистка Вања Григорова, зад која стојат група левичарски популистички и русофилски партии.
Според официјалната регистрација во ЦИК, кандидатурата на Григорова е поддржана од локалната коалиција „БСП за Бугарија“ (коалиција БСП за Бугарија, Левицата, „Неутрална Бугарија“, Граѓанска алтернатива и Атака).
На овие избори коалицијата „Неутрална Бугарија“ е составена од: Комунистичката партија на Бугарија, Бугарската комунистичка партија, Партијата на бугарските комунисти, Новата сила и Русофилите за преродба на татковината. На чело е Николај Малинов, кој е награден од рускиот претседател Путин и санкциониран од САД според глобалниот закон Магнитски. Тој е обвинет за шпионажа за Русија.
Иако Борисов изјави дека не бил загрижен што неговиот кандидат не влезе во вториот круг, тоа е неочекуван удар за него, како што јавуваат бугарските медиуми. Неговото предвидување беше, всушност, дека до неодамна шефот за вести на телевизијата бТВ ќе победи во првиот круг. Во истата изјава од 26 септември, Борисов рече: „Јасно и прецизно ѝ дадов инструкции на партијата – во вториот круг ја поддржуваме ПП-ДБ. Затоа што тие се наши некоалициски партнери“.
На 31 октомври поранешниот премиер зборуваше поинаку.
„Сега (главниот град) треба да го спасиме од спасителите“, рече тој, мислејќи на партијата Спаси ја Софија, која заедно со ПП-ДБ го поддржува Васил Терзиев.
Друга причина е тоа што Борисов е веројатно изненаден од добриот резултат на ПП-ДБ на државно ниво, затоа што освоија повеќе гласови отколку што предвидуваа анкетите, иако ГЕРБ генерално има најголема поддршка.
Во исто време, лидерката на БСП, Корнелија Нинова, изјави дека не ја сака поддршката на ГЕРБ за Вања Григорова во вториот круг.