Бојко Борисов ја прифати оставката на шефот на пратеничката група на ГЕРБ


Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска  ја прифати оставката на шефот на пратеничката група на ГЕРБ Цветан Цветанов по скандалот за купување станови под пазарната цена.

Пред пет дена, оставка поднесе и бугарската министерка за правда Цецка Цачева откако медиумите објавија дека таа и уште тројца функционери од владејачката партија на десен центар ГЕРБ купиле луксузни станови под пазарната цена.

Оставка поднесоа и заменичката на министерот за спорт Вања Колева и заменикот-министер за енергетика Красимир Прванов, додека Цветан Цветанов тогаш тврдеше дека нема ништо спорно при купувањето на станот.

Но, под притисок на јавноста, поради аферата наречена од бугарските медиуми „Апартаментгејт“, вториот човек на ГЕРБ вчера поднесе оставка од функцијата шеф на пратеничката група.

Борисов денеска соопшти дека на негово место е именувана Даниела Дариткова.

-Човек со квалитети и најмногу може да ја контролира групата, во добра смисла на зборот. Таа е компетентна, извршителна, а е член и на Извршниот комитет, појасни Борисов.

По оставката на Цачева, се очекува нејзината функција да ја извршува нејзината досегашна заменичка Десислава Ахладова, која сега е вршител на должност.

Се очекува утре да бидат именувани функционери за испразнитети места.

Аферата изби кон средината на март, кога бугарската редакција на Радио Слободна Европа и една невладина организација за борба против корупција објавија дека функционерите минатото лето купиле луксузни станови во Софија по цена пониска од пазарната.

Агенцијата за борба против корупцијата и Јавниот обвинител почнаа истрага.