Бојко Борисов им „подава рака“ на пријателите од Македонија

Лидерот на ГЕРБ посебно ѝ се заблагодари на Европската народна партија, каде членува и ВМРО-ДПМНЕ


 

Во редицата изјави од Софија по изгласувањето на Извештајот на Европскиот парламент за Македонија и отфрлањето на одредниците македонски јазик и идентитет, се нареди и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. Тој рече:

„Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме заедно напред, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мое лице и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер.

Ова е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите наши европратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно – можеме да постигнеме резултати и да го браниме националниот интерес на највисоко ниво во Европа“.

Борисов ѝ изрази посебна благодарност на политичката група на Европската народна партија (во која се членови и ГЕРБ и ВМРО-ДПМНЕ), како и на европратеникот од неговата партија Андреј Ковачев.

„Во последните недели одржав голем број разговори со европски лидери и претставници на водечки политички семејства во ЕУ. Јасно објаснив дека европските документи не треба да се користат за националистичка пропаганда, туку треба да служат на вистината и добрососедството. Драго ми е што гласот на Бугарија беше слушнат. Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме заедно напред, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мене и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер“, додаде тој.