Бојко Борисов бил без маска во црква, казната од 500 евра ќе ја плати владата

Бугарскиот премиер Бојко Борисов присуствувал на процесија во една црква без да носи маска (што е забрането), но казната за таа негова постапка од 1.000 лева (500 евра) нема да ја плати тој туку владата. Бугарскиот весникот „Дневник“ пишува дека Регионалниот здравствен инспекторат во Ловеч ќе изрече глоба од 1.000 лева за администрацијата на владата, затоа што одговорноста била на организаторот на посетата, кој дозволил да се прекршат правилата за посета. Иако на чело на таа влада е токму Бојко Борисов.

„На 28 септември, во новата црква ‘Свети Кирил и Методиј’, премиерот повторно ја прекрши обврската изречена со наредба на министерот за здравство за покривање на носот и устата на јавни места во затворени простори во Бугарија. Сепак, казната не е за него лично, а аргументот на шефот на здравствената инспекција е дека одговорноста е на организаторот на посетата, кој дозволил да се прекршат правилата“, пишува „Дневник“.

На една од фотографиите што ги дистрибуираше владината прес-служба на 28 септември, вицепремиерот за регионален развој Николај Нанков е покрај премиерот, кој има маска, но не му ги покрива носот и устата.

Борисов ја посетил црквата на покана од митрополитот ловчански Гаврил за да го прими Орденот на светите новоселски маченици. Според изјавата испратена тогаш од владина прес-служба, наградата е доделена за помошта на владата во изградбата на новата црква и за одлуката да не се затвораат храмовите за Велигден и покрај вонредната состојба. (Н.В.)