Бојан Маричиќ, големо изненадување во новата влада


Фото: Б. Грданоски

Досегашниот посебен советник за евроатлански интеграции на премиерот Зоран Заев и еден од неговите најблиски соработници, Бојан Маричиќ, ќе биде министер за правда во новата коалициска влада на СДСМ и ДУИ. Маричиќ на функцијата ќе ја замени неговата партиска колешка Рената Треневска-Дескоска.

Маричиќ беше активно вклучен во преговорите околу Законот за јавното обвинителство, а со неговото влегување во ресорот правда Заев сака да ги зајакне реформите во правосудството, велат познавачите на состојбите.

Маричиќ беше вклучен и во преговорите со ЕУ. Бујар Османи како досегашен вицепремиер за европски прашања, беше главен преговарач со ЕУ,  а негов заменик и главен технички преговарач беше Маричиќ.

Лани Владата го именуваше Маричиќ и за Национален координатор за интеграција во Европската унија, Берлински процес и регионална соработка. Претходно беше директор на невладината Македонскиот центар за европско образование.

Централниот одбор на СДСМ исто така лани го избра Бојан Маричиќ за нов секретар за меѓународна соработка на партијата. На партиската функција дојде на местото на Дане Талевски. Ова место се испразни откако Талески беше назначен за нов амбасадор на Македонија во НАТО, а претходно беше советник за надворешна политика на премиерот Зоран Заев. (Н.В.)