Боки 13 ќе поднесе кривични пријави против актуелни функционери и Камчев


Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, на ТВ 24 соопшти дека Бојан Јовановски до Обвинителството ќе поднесе кривични пријави против актуелни функционери за повеќе кривични дела, меѓу кои и злоупотреба на службената положба, измама и шпионажа. Кривична пријава ќе има и за Орце Камчев.

-Јас не го разбрав дека е конкретно за парите од овој предмет, зашто ние тврдиме дека тука нема пари. Јас го разбрав дека зборува за воопшто, за некаков рекет од некои политичари. Поднесовме барање Бојан на 25 овој месец да биде однесен во Обвинителство за да поднесе кривични пријави за сето она што го знае. Средбата со Јовевски ја бараме за да пријави криминал. За злоупотреба на службена положба, за измама, за шпионажа… За актуелни функционери. И против Орце Камчев, рече Дуковски.

Тој го отфрли обвинувањето од лидерот на СДСМ Зоран Заев дека доставил негова комуникација со Бојан Јовановски до ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги и двете партии меѓусебно да се препукуваат и да водат политички игри, но него да не го мешаат. Тој го повика Заев да ги изнесе тие комуникации во јавноста, но ако нема такво нешто, како што самиот тврдеше дека нема бидејќи не бил вештачен телефонот на Јовановски, да му се извини јавно.

-Јас имам 29 години долга адвокатска кариера. Никогаш не сум работел со некоја партија ниту сум бил член на партија, тоа е за медиокритети, рече Дуковски на ТВ 24.

Претходно тој оцени дека предметот „Рекет“ е најслабо воден, со загрозување на правата на клиентите и биле криени докази.

„Обвинителката сметаше дека докази може да бидат дадени само за клиентот што го бранам. Продолжи со една работа што ме шокираше, тоа е што цело време се вели „ врз основа на доказите“, па  и денеска судијата ја објави пресудата за предметот, а немаше докази. Гледате една торба со банкноти од 50 евра и гледате човек како излегува и ја мафта торбата. Јас предложив доказ. Согласно Европската банка укинати се банкнотите од 500 евра заради малиот волумен. Милион евра во банкоти од 50 евра тежат 22 килограми. Сега да ја пуштите снимката не се носат толку сретства, не видовме дали се носат воопшто, видовме само едни женски раце како ги бројат парите и како излегуваат“ – изјави Дуковски.

Потенцираше дека била неверојатна упорноста и одбивноста на судот да се вештачи телефонот на Јовановски.

„Судот попрво ќе дозволеше зградата да се сруши отколку да го вештачи телефонот. Трипати е побарано, трипати е одбиено вештачење. Во завршното обвинение  тужителката го прошири обвинението и го товареше Јовановски дека парите кои потекнуваат од противзаконитото влијание од 2018/2019 година ги пуштил во промет, односно ги перел во 2017. Денес го ослободи од тоа обвинение. Во телефонот има разговори и докази кои ќе ја расчистат фактичката состојба во овој случај. ИТ техничарот ангажиран од обвинителството на мое вкрстено испитување потврди дека не е вешто лице и нема лиценца и ниту е запишан како вешто лице во Министерството за правда, – рече Дуковски.

Боки 13 веќе подолго време најавува дека ќе ја отвори Пандорината кутија, а сега како нареден датум го закажа 1 јули, односно првото рочиште за „Меѓународен сојуз“.