Модифицираниот „Боинг 737 Макс“ ќе добие дозвола и од европските регулатори


Авионот „Боинг 737 Mакс“, приземјен и модифициран по двете катастрофални авионски несреќи, сега е безбеден, изјави шефот на Европската агенција за безбедност на воздухопловството, Патрик Кју, најавувајќи промени во идните проценки за безбедноста на авионите.

ЕАСА детално го разгледа изменетиот модел на авионот и ги анализираше промените направени од производителот, истакна Кју во интервју за Би-Би-Си.

„Боинг 737 Mакс“ беше повлечен од сообраќај во март минатата година, по две тешки несреќи во кои загинаа 346 лица. Истражувањата покажаа дека причина за двете несреќи е грешка во софтверот за контрола на летот, што е активиран во погрешно време. Пилотите залудно се обидувале да ја премостат софтверската команда.

Во меѓувреме, регулаторите на САД го одобрија враќањето во функција на модифицираната верзија на тој модел на Боинг, а исто така доби зелено светло и во Бразил. ЕАСА очекува да издаде дозвола за лет во Европа кон средината на јануари.