Богота првпат ќе има градоначалничка
Во главниот град на Колумбија, Богота на вчерашните избори првпат е избрана жена на должноста градоначалник.
Клаудија Лопез (49), кандидатка на Зелените и Демократскиот сојуз (левицата), која се декларира како лезбејка и која е симбол на борбата против корупцијата, освои 35,24 отсто од гласовите, додека нејзиниот политички ривал Карлос Фернанд Галан освои 32, 49 проценти од гласовите.
– Не само што победивме туку и ја менуваме историјата, напиша Лопез на Твитер.
Таа најави борба со несигурноста во Богота и завршување на изградбата на метро во градот што брои 7,2 милиони жители.
На локалните избори учествуваа околу 36,6 милиони граѓани кои избираа 32 гувернери, повеќе од 1.000 градоначалници и претставници на локалната власт од 116.428 кандидати, од кои 37 проценти беа жени.
Новите претставници на локалната власт ќе ја преземат должноста на 1 јануари.
Предизборната кампања беше обележана со насилство во 27 проценти од градовите, при што се убиени седум кандидати, 88 примиле закани, а 12 беа жртви на напад, а еден кандидат беше киднапиран. Лична заштита, финансирана од Владата, имаа 2.065 кандидати.
Тоа е вторпат на избори во Колумбија да учествува партија произлезена од поранешната марксистичка герила Колумбиски револуционерни вооружени сили (ФАРК), кои на 24 ноември 2016 година потпишаа мировен договор со владата на поранешниот претседател Хуан Мануел Сантос.