Богојески обвинува: Мицкоски и Каракачанов во заедничка платеничка акција
Да престане да постои Македонски концепт, а во понатамошното политичко дејствување да му дадам поддршка на Мицкоски!
По мојот јавен настап на ТВ24 на 23 септември, особено по тврдењето дека македонско-бугарските односи се во заложништо од мафијата, бев повторно предмет на уцени и закани со истите барања до мене и со најава дека е нарачана моја ‘ликвидација’ во македонската јавност, која ќе започне денес. Од моја страна беа отфрлени сите нивни барања. Кажано е дека продолжувам да се борам за мојата Македонија и дека никогаш, ама баш никогаш нема да се откажам од таа борба, без разлика на сѐ што ме очекува во иднина, на сите закани и уцени!
Заканата започна да се реализира, токму како што беше најавено. Денес во 12.11 часот добив полициски прашања од страна на ‘интернет медиумот Инфомакс’, за кој знаеме чив перјаник е, со прашања за мој престој и студии во Бугарија, бугарско државјанство, бугарска стипендија за магистерски студии, пријателства со македонски Бугари и слично со цел платената акција да биде спроведена и да бидам прикажан како бугараш во македонската јавност и ликвидиран од политичка сцена во земјава!
Секако дека никогаш нема да одговорам на прашањата на рубља патриоти, но јавноста заслужува одговори. Во зависност од развојот на настаните, ќе објавувам дополнителни факти и документи, но и непријатни вистини за координацијата помеѓу СССР – ДПМНЕ/БНД. Без разлика на сето ова, без разлика на сите закани и уцени, јас останувам посветен на борбата за нашата Македонија“, напиша Богојески на Фејсбук.