Богојески: Македонски концепт ќе менува, а нема само да коегзистира со власта


Големо незадоволство од досегашните политики и досегашниот избор од помало и поголемо зло. Граѓаните се презаситени од празни изборни ветувања и немање избор. Тоа се основите пораки кои граѓаните во Скопје ги споделија со Петар Богојески, носител на листа на кандидати за пратеници од ИЕ1 за Македонски концепт.

Граѓаните, се вели во соопштението од Македонски концепт, сакаат нормален живот во општество кое нуди фер услови за сите подеднакво, сакаат институции кои ќе работат во служба на граѓаните, а не за лични интереси на одредени политички фигури кои ги окупираа институциите како да се нивна приватна сопственост. Граѓаните сакаат народни пратеници, оние кои ќе ги застапуваат нивните проблеми и интереси и ќе одговараат за постапките пред граѓаните.

„Сегашната влада, опозиција и систем поставен од истите не можат да се санираат, напротив, мора целосно да се променат. Затоа на Македонија денес и е потребна искрена и конзистентна опозиција, која е подготвена да се бори за иднината на граѓаните, а не за себе. Македонски концепт ќе менува, а нема само да коегзистира со власта. Заедно со вашата поддршка можеме да покажеме дека го менуваме општеството во кое живееме, како и дека со вистински закони може да се формира парламент кој ќе работи за доброто на граѓаните. 10-ка е број кој менува. Само заедно можеме да се избориме за суштински промени”, изјави Богојески, носител на листа во ИЕ1 за Македонски концепт.