Богојески до Ахмети: Не се станува премиер со програма само за Тетово и Гостивар


Реагирајќи на најавата на Али ахмети дека ќе води изборна кампања со барањето Албанец да биде премиер, Петар Богојески од „Македонски концепт“ порача дека тоа природно ќе си дојде ако претходно Ахмети прифати промена на Уставот и граѓански концепт со што ќе се укинат етничките партии.

-Има ли храброст Али Ахмети да прифати концепт на граѓанска држава, држава на индивидуалци, а не држава на повеќе народи, не држава на колективитети?!?

Има ли чест Али Ахмети да прифати систем на индивидуални права, однос граѓанин, поединец со Републиката, а не колективитет со државата? Да прифати укинување на секаков тип на позитивна дискриминација во земјава, несреќно наметнат со Охридскиот договор?!?

Или ли разбирање Али Ахмети да прифати целосна фискална децентрализација на сите општини?!?

Има ли дозвола Али Ахмети да прифати промена на Устав, со цел забрана за постоење на етнички партии?!? Нема веќе политички партии со етнички предзнак, нема веќе албански, турски, српски или македонски политички партии, туку само граѓански партии!

Има ли разум Али Ахмети да прифати една изборна единица, а секој носител да биде претендент за иден премиер?!? Па оној кој добие највеќе гласови, тој ќе формира Влада! Ако е Албанец носител на листа, секако тој ќе биде премиерот… исто и ако е Турчин, Србин или било што, по етничка определба!

Албанец може да биде премиер на Македонија, но прво да ја добие довербата од сите граѓани и од оние во Штип и Струмица! Не може со програма само за Тетово и Гостивар да се бара премиерски мандат! Тој треба да претендира да биде премиер на сите граѓани, а не само на Албанците! – стои во реакцијата на Богојески.