Богоев го кани Милошоски во Карпош да види дека општината не е поврзана со „Рекет“


Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев не се вклучени во никакви незаконски активности во врска со случајот „Рекет“, се наведува во соопштението што го испрати до медиумите Одделението за односи со јавност во оваа скопска општина.

-Во име на транспарентноста и отворената комуникација што општина Карпош ја води со граѓаните, по низата шпекулации и лажни вести кои се проширија, должни сме пред севкупната јавност да ги посочиме следните факти: Во општина Карпош не е отворен ниту еден предмет, а не е издадено ни одобрение за градење, ниту било каков друг правен акт во врска со споменатиот случај; локалната самоуправа има склучено меморандуми со голем број на невладини организации. Меморандумот кој е склучен со Меѓународен сојуз единствено се однесува на давање поддршка за реализација на различни социо – економски активности и третирања на локални прашања. Тој по својата содржина е општ, без никакви финансиски последици за Општината или конкретни други обврски. Врз основа на овој Меморандум, не е реализиран ниту еден проект или некоја активност со Меѓународниот сојуз; Што се однесува до финансирањето на изборната кампања на градоначалникот Стефан Богоев, веќе е посочено дека сите плаќања се извршени преку наменската сметка за локални избори 2017, на партијата СДСМ и коалицијата која го поддржа Богоев; Во ниту една програма на општина Карпош, ниту во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, не постои проект „Карпош на вода“. Во оваа насока, не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб страница – набројуваат од општина Карпош.

Во соопштението е упатен повик до „сите заинтересирани страни, вклучително и пратеникот Антонио Милошоски да дојдат во Општината и да се уверат во сите посочени факти“.

Од општина Карпош реагираа откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Милошоски нашиша на фејсбук дека „градоначалникот на Карпош, Богоев, е еден од 17 лица кои досега биле во Јавното обвинителство во врска со случајот “Рекет”, во кој замешани се Боки 13, најмалку две обвинителки, најмалку 5 вработени лица во СЈО и неколку функционери од власта“.