Богдановиќ: Ни една нелегална тераса нема да остане во Центар


Кафе-терасата „Шпајз“ во близина на бараките на Општина Центар, денеска работеше, но не дочека да го отвори објектот како што првично беше изграден.
Имено, акцијата за отстранување на дивите тераси на кафулињата во центарот на Скопје почна со уривање на цврстата градба токму на „Шпајз“. Денеска, има наредено само маси, под летни чадори, а видливи се исечените метални столбови, со кои требаше да се загради просторот и летната тераса, всушност да се претвори во кафуле од тврда градба.
Општина Центар го спречи тоа, на ден пред отворањето на терасата. Прати екипи кои ги исекоа столбовите и го ограничија објектот на просторот што им беше доделен со одобрение.
Дел од дивите тераси во Дебар Маало, посебно тие на улица „Ленинова“ веќе се отстранети, а општина Центар е стигната до фаза на поништување на одобренијата. Како што појасни градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на брифинг со новинарите, на сите кои граделе спротивно од тоа што им е одобрено, најпрво ќе им бидат одземени одобренијата, а потоа ќе треба повторно да бараат нови.
Во моментот се работи на заедничка акција со Општина Чаир за уривање на дивите тераси во Старата скопска чаршија. Општина Центар е надлежна за 10 отсто од Старата скопска чаршија, но Богдановиќ е задоволен што  дел од сопствениците самите презеле мерки за да ги отстранат терасите.
– Одиме по ред. Додека не се заврши делот со Дебар Маало, не може да се почне со уривање на терасите на други делови од општината, бидејќи граѓаните ќе сметаат дека на некои сме им попуштале. Имаме решенија за сите делови од општината каде што сметаме дека се отстапува или е почнато градеше без одобрение – изјави градоначалникот.
Тој вели дека од улица „Ленинова“, уривањето на дивите тераси ќе продолжи по улица „Орце Николов“, каде неколкумина сопственици веќе се изјасниле дека сами ќе ги отстранат дивите градби, потоа Градскиот парк, Буњаковец, Капиштец, улица „Македонија“ и Кејот на реката Вардар.