Богдановиќ нема да дозволи приватна гимназија во ОУ „Киро Глигоров“


Фото: Б. Грданоски

По шпекулациите дека во новото основно училиште „Киро Глигоров“, ќе се смести средно училиште, градоначалникот на Општина Центар појаснува дека нема да дозволат мешање на деца од основно и средно образование.

Саша Богдановиќ, градоначалникот на скопската општина Центар на „Фејбсук“ објави дека во општинското основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец, нема да дозволат да има средно образование.

Приватното средно училиште „Арс студио“ бара да го изнајми новото основното училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во скопската Општина Центар. На 24 ноември лани до училиштето е поднесено барање, по што директорката ги запознала членовите на училишниот одбор. Минатиот месец, за идејата средношколци од приватно училиште да учат заедно со основци во новото училиште биле известени и родителите кои остро реагирале и побарале иницијативата веднаш да се отфрли.

– Во однос на шпекулациите за започнување со работа на приватно средно училиште во ООУ „Киро Глигоров“, Ве информирам дека ставот на Општина Центар е дека таму не смее да има мешање на децата од основно и средно образование. Изградивме ново, модерно и современо основно училиште, градено по сите стандарди, кое треба да претставува пример во земјата, а не пречка. Средно образование во ООУ „Киро Глигоров“ нема да дозволиме! – пишува Богдановиќ на „Фејсбук“.