Богдановиќ: Наставата во Општина Центар почна без проблеми


Во сите седум стари општински основни училишта и во новото училиште „Киро Глигоров“ школската година почна најрегуларно. Децата беа примени, а беа присутни сите наставници и останатиот персонал, изјави денеска градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната среда со медиумите, Богдановиќ рече дека ќе има доградба на одредени основни училишта. Лани завршила доградбата на ОУ „Гоце Делчев“, каде дополнително сега има уште осум училници, канцеларии и друг простор. Во моментов најмногу побарувања за зголемување на капцитетите има во ОУ „Коле Неделковски“. Најави дека следната година ќе се посветат на подобрување на условите на сите основни училишта.

Прашан зошто учениците со посебни потреби од Општина Центар нема да добијат персонален асистент, Богдановиќ рече дека средствата за лични и образовни асистенти за децата со пречки во развојот до оваа учебна година ги обезбедуваше УНДП за вкупно 15 ученици.

– Нашата општина секоја година аплицира на конкурсот што го распишува УНДП за обезбедување финансиски средства за лични и образовни асистенти со цел да им даде поддршка на тие деца во следењето на наставата. За да излезе во пресрет и на другите општини кои имаат потреба од лични и образовни асистенти за оваа учебна година УНДП на Општина Центар и додели средства само за пет ученици. Општината обезбеди средства за асистент за уште два ученика, рече Богдановиќ. Посочи дека информацијата од УНДП за бројот на учениците кои ќе добијат лични и образовни асистенти, Општината ја добила откако буџетот за 2019 и ребалансот на буџетот веќе биле завршени.

Богдановиќ соопшти дека седумте асистенти за лични и образовни потреби за децата со пречки во развојот ќе им бидат доделени на учениците на кои им се најпотребни, а селекцијата ја прават дефектолозите од училиштата кои, како што рече, најдобро ги познаваат состојбите на овие ученици. Во претстојниот период, според него, кога ќе се прават одредени промени во буџетот, постои можност да се обезбедат средства од нивна страна.

Посочи дека имаат интерес од родителите за запишување деца во новото основно училиште „Киро Глигоров“.

Прашан зошто е намален паркингот за жителите на Капиштец и за нивните најави дека в среда ќе протестираат, Богдановиќ рече дека паркингот не е намален и напротив ќе им биде овозможено резидентно паркирање на другите паркинг места.

– Станува збор за ослободување на дел од паркингот, односно тротоарот бидејќи таму имаше организирано паркирање, но најчесто луѓето не го практикуваа паралелниот начин на паркирање. Паркираа косо и го задржуваа целиот тротоар. Безбедноста на децата ни е најважна од се. Во текот на денешниот и утрешниот ден ние ќе имаме состанок со дел од жителите и тој проблем се надминува, рече Богдановиќ.