Богдановиќ најавува и кривични за оние кои нема да ги отстранат терасите на кафулињата


Фото: Независен весник

Општина Центар деновиве интензивно урива нелегално изградени летни тераси на кафулињата во Дебар М

аало, особено на улица „Ленинова“.

Покрај отпорот на сопствениците кон уривањето на терасите, Општината продолжува со нивно отстранување, а најавува и дека ќе следуваат поригорозни мерки.

„Отпор секогаш на тие непопуларни акции постои. Јас ќе ја искористам оваа прилика да кажам дека нема да запреме тука, акцијата ќе продолжи и денеска, ќе трае и во понеделник. Но, ова е само почеток и ова е поблагата варијанта. Следуваат многу построги, порадикални варијанти, од прости причини бидејќи немаме никакво разбирање од самите кафанџии и угостители односно се „глуви“ и мислат дека сме несериозни во таа работа. Напротив, допрва ќе видат колку сме сериозни во оваа постапка“, рече денеска градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој на прес-конференција ги најави промените на ДУП -от за градската четврт „Даре Џамбаз“.

Упати апел до нив сите сопственици на кафулиња, кои, како што рече, имаат решенија за отстранување и усогласување да постапат по нив.

„Бидејќи, доколку продолжиме ние со уривање, ќе следат и кривични пријави, па ќе бидат доведени во ситуација од која сами нема да можат да излезат“, рече Богдановиќ.

Деновиве се уриваа терасите на улицата „Ленинова“, терасата на „Шпајз“ (Тренд), на „Република“, а според најавите на Општината ќе се уриваат терасите на „Деус“, „Џус бар“, „Кала“, „Правда“, „45“, „Сушико“.

Дел од угостителите кои имаат решенија за отстранување, веќе почнале и сами да ги отстрануваат нелегалните објекти.

Во акцијата на расчитување на нелегално поставените тераси кои ги узурпираат дел од троторатите во централното подрачје, се вклучи и Општина Чаир. Сопствениците на неколку кафулиња во трговскиот центар „Мавровка“ и Старата скопска чаршија, вчера беа опоменати да ги отсранат дивоградбите.