Богдановиќ: Белчева имаше целосна поддршка, за некои работи имавме забелешки


Градоначалникот на Општина Центар вели дека не знае од што била незадоволна експретседателката на Советот, Јана Белчева-Андреевска, која самоиницијативно се повлече од функцијата.

Тој тврди дека таа имала целосна поддршка во сите активности, но дека очекувано е во текот на работата да има одредени несогласувања.
„Нормално дека во секоја работа има одредени усогласувања и несогласувања, начини на размислувања итн. Досега, за најголемиот дел од одлуките, вклучувајќи ја и најголемата одлука на Советот за мораториумот за градби, сме докажале дека имаме исти ставови и принципи. Но, начинот на кој ние функционираме и потоа ги практикувавме сите одлуки гледаме да бидат во согласност со сите законски уредби и прописи итн. Јас не знам конкретно за кои работи не е задоволна сегашната само советничка Белчева-Андреевска, целосната поддршка ја има добиено во сите активности што се спроведени, нормално за некои работи што сме сметале – сме давале одредени забелешки“, изјави Богдановиќ.

Во својата оставка Белчева напиша дека имало  „непремостливи разлики со актуелното мнозинство и раководство на Општина Центар, а особено со градоначалникот“.

Според неа, Општина Центар е локална самоуправа без стратегија, јасни цели и со измешани приоритет, а во Советот седат партиски членови без интерес за напредок.