Богатството на Милка Ефтимова собрано во една книга: Мојот живот, многупати прилегаше на сон


Секој човек има своја животна приказна. Особено ако живеел со активен, исполнет живот како примадоната Милка Ефтимова (85), алт и мецосопран певица, доајен на Македонската опера и редовен професор во пензија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Ѝ требаа повеќе од две години да ја раскаже и да ја сподели со публиката , како подарок во вид библиографија за нејзиниот уметнички пат, послан со цвеќиња „Моето богатство“ – од музичките почетоци во родниот Радовиш, отворањето на нејзиниот музеј во родниот град, присуството  во општествено-културниот живот, потсетување на освоените награди, признанија, медали и благодарници, ревијата на нејзините костими за хумана цел, секојдневниот живот исполнет со дружење со семејството, пријателите, учениците, дипломатскиот кор…

На 400 страници, со текст и фотографии, останувате без зборови за завидната кариера-ќе речете. Цело богатство! Да, се согласувам, ќе напише во уводот, почитуваната Ефтимова. „Многу или малку- не знам. Но, секако знам: малкумина се оние што го живееле и го доживеале сето она, што јас сум го остварила во животот низ уметноста. Но, тоа бил мојот пат. Оној што е еден и единствен-за секој човек“.  

Ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и по прекрасниот глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје.

Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.

Фото: Д. Перковски

Ефтимова и во деветтата деценија изгледа отмено, не излегува надвор недотерана и без шминка, а меморијата ѝ работи како швајцарски часовник.

– Ми недостигаат сцената, публиката, никогаш нема да ги заборавам настапите ширум Европа, Америка и во Македонија, само на „Охридско лето“ настапував дваесет пати… Улогите во „Трубадур“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Евгениј Оњегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“, „Фауст“, „Кармен“, по која најмногу ме препознаваат. Од нас се очекуваше улогите да ги пееме во оригинал, на италијански, германски или француски јазик – вели Ефтимова за „Независен“, по повод објавувањето на книгата „Моето богатство“, поддржана од Министерството за култура. 

Вие сте една од првите дами, пионери на Македонската опера. Како се носевте со таа тежина?

– Живеете и творите на сцената. Таа љубов поткрепена со деноноќна работа и труд на изведбата на улогите, гласовна, стилска и актерска вежба, голема самопожртвуваност и откажување од удопствата на светот. Голема дисциплина што ќе те направи професионалец од светски рамки.

Единаесет години бевте солист на операта во Љубљана. Колку тоа влијаеше на вашиот сценски и личен стилски раст?

– Повеќе фактори придонесоа за тој стилски израз. Посебно на почетокот на кариерата, морав да бидам послушна, желна за учење од искусните профили, да бидам флексибилна во своите ставови, да ги учам потребите и барањата на сцената, а подоцна во текот на кариерата тој раст повторно продолжи, но веќе како заедница на стекнати искуства, како стил на однесување самиот се инкорпорираше во улогата која требаше да ја остварам, како природна појава.

По што ќе го паметите тој период?

– Одлучив да ја прифатам многупати упатуваната покана од страна на Љубљанската опера и веќе од септември 1967 година бев првенка на оваа куќа. Таму бев постојано на настапи. Во Љубљана направив многу улоги, дури 17 премиерни. Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Aрлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди. Хата во комедијата „Продадена невеста“ на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата „Еквинокциј“ на Марјан Козина. Од Љубљана се вратив во 1978 година во Скопје како првенка на операта при МНТ.

Имавте низа прекрасни оперски остварувања, но најмногу ве паметат по улогата на Кармен. Дали таа страсна улога вистински ве освои?

– Насекаде во светот бев барана токму поради изведбата на таа улога. Севкупната моја лична појава и онаа на Кармен критиката своевремено ја оцени како идеална идентификација во убавината, ставата, гласот, глумата, темпераментот. За да се случи таква совршена претстава, мора да се има комплетен стилски и севкупен склоп и мислам дека сепак за мојата перфекција во таа улога на Кармен многу голем удел има човекот со кој ја работев и подготвував, а тоа е славниот диригент Ловро Матичиќ.

Од 2006 година вие добивате спомен-поставка во вашиот роден град Радовиш. Изложбен салон со ваши костими и гостувања. Што беше идејата на ваквиот долговечен проект?

– Првенствено идејата беше да оставам нешто на моите сограѓани и на моето родно место Радовиш, да им се оддолжам за љубовта и поддршката што ми ја даваа додека настапував по светот. За нивната верна посветеност на моето дело.

Како успевате да се одржите во одлична форма?

– Постојана самоконтрола и грижа за своето здравје. Јас тоа го постигнав со самосвест за правилна исхрана, кондициска подготвеност, физички вежби, како и неделни третмани на лицето и телото за подобар изглед. Пред секој настап одбегнував дружење од типот на комуникација зашто ги штедев гласилките, како и соодветен одмор за да може да се издржи темпото од три и повеќе часа на сцена.

Л. Сабит